Кој e Екрем Имамоглу, новиот градоначалник на Истанбул ?

Екрем Имамоглу, кој на повторените избори за градоначалник на Истанбул уште поубедливо го победи својот противник од АКП, партијата на претседателот Речеп Тајип Ердоган, не бил многу познат во политичкиот живот во Турција пред да се одлучи да се кандидира на локалните избори.

Локалните избори во Турција беа одржани во март оваа година, кога и победил Имамоглу, но тие на барање на АКП на Ердоган биле поништени и повторени во недeлата, а Имамоглу само ја зацврсти својата мартовска победа со уште поголема разлика во бројот на гласови во однос на својот противкандидат.

Новиот истанбулски градоначалник со цврст став да не се откаже од жестоката битка за прв човек на тој град, по повеќе години, станал најголем предизвик за турскиот претседател Ердоган и неочекувана надеж за турската демократија, смета британски „Гардијан“.

Имамоглу победил на локалните избори во Истанбул на 31-ви март, но должноста градоначалник ја вршел само 18 дена откако, по низата жалби на Партијата за правда и развој на Ердоган, Централната изборна комисија го поништила гласањето поради неправилности во именувањето на членовите во гласачките одбори на изборните места.

Тој не бил првиот избор на опозициската коалиција на Народната републиканска партија за кандидат на градоначалник на Истанбул, но поради стратегијата за скромна кампања, заснована на “добра вера”, меѓу членовите на опoзицијата стекнал доверба како компетентен и отворен администратор.

Во своите говори го истакнува значењето на заедничката борба против сиромаштијата и ја осудува популистичката реторика меѓу турските политичари. Поранешниот бизнисмен Имамоглу претходно пет години бил претседател на истанбулската општина Бејликдуз.

Потоа се кандидирал за градоначалник на Истанбул, но изгубил од тогашниот кандидат на АКП, Кадир Топбаш.

На почетокот на годината, Имамоглу се состанал со Ердоган за да разговара за иднината на Истанбул, а со таквиот гест заработил почит кај гласачите, кои често се чувствувале отуѓено од секуларната Републиканска народна партија.

По победата на повторените избори за градоначалник, Имамоглу ветил “нов почеток” во Истанбул и изразил подготовеност за соработка со Ердоган.

Имамоглу освоил 54 проценти од гласовите, оставајќи го зад себе кандидатот на владејачката партија АКП и поранешен премиер, Бинали Јилдирим.

Инаку, Имамоглу е роден во градот Акчабат во близина на Трабзон, каде завршил основно и средно училиште, а студирал на Истанбулскиот Универзитет.

Оженет е и е татко на три деца.