Кој ќе биде нов министер, кој ќе замине од Илинденска ќе знаеме во петок

Кој од актуелните министри ќе ја напушти удобната фотелја, кој ќе биде распореден во друг ресор, кому премиерот Зоран Заев ќе му даде „шут карта“? Одговорите на овие прашања ќе бидат познати в петок за кога Заев најави дека до Собранието ќе го испрати списокот со предлог имињата новиот владин состав.

„Планирам до петок да ги доставам предлозите за реконструкција на Владата зошто Парламентот на почетокот на идната недела планира седница. Ако тоа се случи во понеделник или вторник следната недела веднаш по изгласувањето на реконструкцијата продолжуваме со промената на директорските места и да ги завршиме кадровските промени“, рече Заев денеска.

По ова се очекува, понеделник или вторник точката избор на нови членови на Владата претседателот на Собранието, Талат Џафери да ја стави на дневен ред.  Разговорите и договарањата како со ДУИ, така и со останатите помали коалициони партнери се завршени сите детали околу владината реконструкција се утврдени.

Она што останува да се договори, според информациите од ДУИ, е смената на директори.

„Моментално зборуваме за размена, но и за нови именувања. Дебатата со СДСМ е завршена во врска со реконструкцијата. Четврток или петок предлозите ќе бидат во Собрание, а во понеделник ќе имаме нова Влада“, вели вицепремиерот Бујар Османи.

Горан Милевски нов министер за локална самоуправа

Засега списокот за новиот состав на владиниот кабинет, особено од редовите на СДСМ, се чува далеку од очите на јавност. Но, според шпекулации меѓу новите министри е и Горан Милевски, претседател на ЛДП. Според овие информации, Милевски ќе се повлече од пратеничката функција за да раководи со ресорот локална самоуправа.

Досегашниот министер за животна средина, Садула Дураку ќе го преземе кормилото во новоформираната министерство за политички систем. На негово место се најавува доаѓањето на Насер Нуредини.

Заев од Централниот одбор на СДСМ во неделата најави смена во осум ресори. Најавена е бран промени и во најмалку 20 директорски позиции во јавни претпријатија и државни институции.