Кој се грижи за безбедноста на македонските граѓани?

Поминаа веќе 15 месеци како СДСМ ја води државата и се грижи за безбедноста на македонските граѓани. Независно дали станува збор за војската, полицијата или безбедносните служби секаде се забележува намален капацитет на институциите кои го гарантираат мирот на граѓаните.

Полицијата повеќе од 2 години ја води Оливер Спасовски. Последните извештаи во кои МВР сработило ефикасна истрага по организиран криминал и корупција датираат од 2015 година. Ова резултира со слободен пад на Македонија на листата на „Transparency International“ за индексот на корупција, пад во извештаите на Стејт Департментот за борба против трговијата со луѓе и трговијата со дрога, но и нотирано целосно отсуство на било каква антитерористичка активност од 2015 година до денес. Се разбира, превземањето на македонски борци од боиштата во Сирија од скопскиот аеродром не е никаква истрага, туку завршена работа од сојузниците. Нерасветлените убиства, набавките без тендер од партиски донатор и масовната злоупотреба на службените возила станаа трејдмарк на Спасовски. За него, најлошото допрва ќе следува, откако меѓународната заедница ќе стане свесна за сериозните докази за изборна корупција од 2016 и 2017 со кои располага Јавното Обвинителство.

Армијата предводена од Шеќеринска има тотален колапс во сите организациски и логистички потреби за нормално функционирање. Не постои ниту еден зајакнат капацитет кој е реализиран во нејзиниот мандат. Не е купено ниту рехабилитирано и сервисирано ниту едно оклопно возило, ниту еден хеликоптер, ниту една надградба на опремата и униформата на војниците. Одбранбената дипломаитја е целосно запоставена и нема кој да ја претставува Република Македонија по штабовите и командите, а скоро никаде немаме присуство на одбранбени аташеа. Но, затоа, реализирани се набавки за морски плодови, апетисани, пијалаци, колачи и авио билети, како и посета на кафеани низ Македонија со армиските хеликоптери. Редовните вежбовни активности се користат за фото сесии на Радмила, и за надополнување на нејзиниот фото албум со слики во војничка униформа. Инаетот на Шеќеринска да ги игнорира барањата за учество на македонски војници во мисии на најголемите европски земји-членки на НАТО веќе скапо ја чинеше Македонија на јунскиот самит на ЕУ, кога меѓу другото добивме датум за датум за преговори.

На крајот, но не и најмалку значајно.

Не постои никаква реформа на безбедносните служби по препораките на Прибе, кои се целосно игнорирани. Во ноември ќе биде пробиен рокот за издвојување на УБК од МВР. Спасовски не ги подобри ниту процедурите за подобрување на контролата на вработените и начинот на нивен надзор, не го издвои Одделот за оперативна техника, попознат како Петта Управа, надвор од УБК. Дури 5 од 6те препораки од Прибе во делот од извештајот кои се однесуваа на УБК се предмет на одлучување со потпис на Спасовски, но тој одби да промени било што. Април 2019 ќе дојде брзо. Тогаш ЕУ ќе го објави извештајот за напредокот на Македонија. Иако Димитров и Османи ќе имаат набиена авио агенда на релација Скопје-Брисел, ниту една шминка или флоскула нема да го затскрие фактот дека СДСМ упорно ништо суштински не испорачува во делот на реформи на безбедноста и одбраната. Независно од реализацијата на референдумскиот процес и уставните измени, реформите овојпат се нешто што мора да се направи. Последното интервју на Спасовски за МИА само ја разоткри неговата злобна партиска агенда за создавање еден централизиран безбедносен систем кој тотално ќе ги контролира македонските граѓани.

Автор: Александар Нацев