Кој си поигрува со Заев, или си поигрува ли Заев самиот?!

Во екот на силните средби коишто ги оствари изминатиов период претседателот на македонската влада Зоран Заев со т.н дипломатски булдожери кои го посетија Скопје во рамките на кампањата за референдумот за промена на уставното име на Република Македонија што треба да го овозможи зачленувањето на земјата во НАТО и ЕУ, се поткраднуваат серија гафови и инциденти кои го наложуваат прашањето дали премирот е несериозен кон ова, како што самиот вели, суштествено прашања или, пак, станува збор за намерно/ненамерно подметнување од страна не неговите соработници.

Владината прес-служба потврди дека пред некој ден премиерот Заев во зградата на Владата „во рамките на интерес на граѓаните“ имал неформала средба со лицето Стефан Чернетиќ, попознат како човекот кого италијанската полиција минатата година го приведе поради лажното претставување како принц на Црна Гора и Македонија. Притоа лажниот македонски принц Чернетиќ, го одликувал вистинскиот премиер – Заев. Инаку, засега останува непознато за какви заслуги Заев бил одликуван од лажниот Чернетиќ.

Информацијата за одликувањето на Заев дојде токму во моментот кога во Скопје тој, повторно во зградата на Владата, држеше конференција за медиумите со челникот на најмоќната војска во светот. Американскиот министер за одбрана Џејмс Матис, како и неговите претходници, германската канцеларка Ангела Меркел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, моменталниот претедавач со ЕУ, австрискиот канцелар Себастијан Курц ни порачаа дека не сакаат да влијаат врз нашиот избор на референдумот, но јасно е за нив дека станува збор за суштинска одлука за иднина на земјата. Патем, Курц го дочекавме со знаме коешто ниту по боите не соодветсвува на она на неговата татковина.

Меѓутоа, по ваквите гафови, како што е овој со орденот од лажниот принц, барањето бизнисмените „да го одврзат кесето“ во пресрет на референдумот, дека како народ ни бил потребен „камшикар“, го поставува прашањето дали за ова сериозно и суштинско прашање, е соодветен крајно несериознот, да не биде кажано арлекински однос на Заев. И уште, дали неговото опкружување, првенствено во протоколот и Пи-Арот, со своето несфатливо однесување го девалвира и самиот премиер, ама и целата држава во пресрет на судбинскиот 30-ти септември.

Ораторското (не)снаоѓање и бруталното објаснување, од типот „живи луѓе ќе јадеме“, „да ја свиткаме кичмата“, од „чистачка па нагоре…на Заев, одамна е апсолвирано. Но, зачудува како толку силно самопрогласуваниот за експертски негов тим овозможува да се прават вакви гафови кои ги надминуваат границите на земјата, да го девалвираат и самиот премиер, но и државата која треба да се нареди во редот на најсилните, најнапредните демократии во светот.

А, кога станува збор за асоцирањето во овие друштва се поставува и едно од круцијалните прашања: како, па дури и со сменето име, ќе биде Република Македонија примена, кога кампањата за промената на нејзиното уставно име како предуслов за сево ова е проследена и со низа скандали. Најблаги, така да се каже, се приведувањето на актерка поради тоа што собирала догорчиња од цигари и гаѓањето на нервозниот вицепремиерот со маркер кон новинар. Другите се повеќе и од скандалозни. Министри и пратеници си делеле огромни стипендии за школување во странство на своите деца, локални партиски војници се закануваат со прислушувања, тендери и субвенции одат во компаниите на високи фунционери од владајачката партија, итн итн…

Е тоа е основниот проблем на референдумот, а не ставот на ВМРО-ДПМНЕ или кампањата за неговото бокотирање. Многу веројатниот неуспех на референдумот ќе биде само логичен производ на ваквото однесување на сегашните владејачи и на ништо повеќе од тоа. Едноставно, ако македонските граѓани во мнозинство, како што вели и самиот Заев, се определиле за НАТО и ЕУ, бојкотот или негативното изјаснување е резултат само на состојбите коишто неговата власт ги креира сега во македонското општество. Во таквиот отпор кон власта, всушност, се осведочуваат и странските дипломати. И тоа е вистинскиот проблем на Заев, кој, ете, не успева ниту по речиси две години власт да ја придобие довербата на вистинското мнозинство избирачи. Таква личност не може да биде лидер, па колку и да се декларативни во своите изјави неговите надворешни партнери, кои инаку преферираат челници кои имаат цврста доверба кај граѓаните. Единствено може да биде алатка за еднократна употреба, на пример до 30-ти септември, без разлика на исходот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.