Кој во оваа држава е надлежен да ги сруши дивоградбите на Матка?

Од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам вчера било испратено писмо до градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, локалните власти да излезат на терен и да постапат по прашањето за дивите платформи на Матка, но оттаму и денеска немаат никакви новости за понатамошните активности како да го решат овој проблем.

Во нивниот одговор за „НетПрес“ кратко објаснија дека чекаат одговор:

Инспекторатот ја следи ситуацијата во врска со горенаведените објекти, достави писмено барање до Градоначалникот на општина Сарај за постапување согласно позитивните законски прописи . По добивањето на бараните податоци, инспекторатот ќе постапи согласно одредбите од Законот за градење и другите законски прописи.

Во текот на денот, до објавувањето на текстот се обидовме да стапиме во контакт со општина Сарај но никој не одговори на нашите повици.

Градот Скопје за жал нема надлежност на градежниот инспекторат и тоа е во надлежност на општините. Град Скопје во овој случај ги извести сите институции за посочените недоследности кои треба да постапат и нашата ингеренција завршува тука. За наредните чекори обратете се до Општина Сарај и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, одговорија за „НетПрес“ од град Скопје.

Според информациите, Инспекторатот испратил барање, откако во саботата министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека ако Општина Сарај не ги урива дивите платформи на Матка, тогаш Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам мора да постапи.

Државниот инспекторат претходно се прогласи за ненадлежен за Матка оти станувало збор за платформи и монтажни објекти кои биле од локално значење, но вчера се премислија и најавија дека ќе постапеле според законските одредби.

Според Законот за градба, ако овластениот градежен инспектор во Општина Сарај не постапува, тогаш градежниот инспекторат од Државниот градежен инспекторат треба на местото на настанот да ја констатира ситуацијата. Тој трева да врши увид во работата, односно (не)постапувањето на инспекторот на Општина Сарај. Доколку не постапил, со изготвување записник, се известува Министерството за транспорт и врски, кое пак назначува инспектор кој понатаму постапува до извршување.

Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети за дивоградбите на Матка најави дека ќе бара правно решение. Тој му порача на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој побара од него да ги урне платформите, да не му се меша во работата и да ги гледа неговите надлежности.

Кањонот Матка е заштитено подрачје од трета категорија и е прогласен за споменик на природата. Тоа значи дека не се дозволени активности кои би ја загрозиле неговата автентичност.