Колариќ: Постојано се зборува за „Скопје 2014“, а „Мал ринг“ предвидува нови 22 градежни парцели

Сакам да спомнам и да ја запознаам јавноста дека Мал ринг се протнува и постојано се зборува за Скопје 2014, но граѓаните треба да знаат дека во Мал ринг се предвидуваат 22 нови градежни парцели, од кои што 7 ќе има нови колективни згради со висина од 23 метри, односно тоа значи нов бетон на централното градско подрачје некаде околу 70.000 метри квадратни. На определени објекти во централното градско подрачје се зголемува дури и катноста за два ката плус. Тоа значи дека веројатно ќе имаме уште еден проект кој што ќе ги потресе скопјани во наредниот период, вели советничката во советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Светлана Колариќ во емисијата Само вистина на Канал 5 телевизија.

Колариќ рече дека советничката група на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ во најкраток можен рок ќе бара итно одржување на седница на советот укажувајќи дека мора да се решат дилемите околу Универзална сала.

Советничката група на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ ќе бара најбрза итна седница за да се разреши дилемата околу прашањето за Универзална сила, мислам дека тоа право го имаме и градоначалникот треба да ни оствари тоа, додаде Колариќ.

Колариќ посочи дека нема да му прости на Шилегов што ја продал Градската куќа за 13 милиони евра, додека градската администрација останува да работи во трули бараки без соодветни услови.

Нема да му опростам на Петре Шилегов, а нема да му опрости ниту градската администрација, што ја продаде Градската куќа што ја продаде за 13 милиони евра. Парите ги нема никаде, не ги гледаме, администрацијата остана во трули бараки каде што ги немаат основните потреби и услови за работа, а на сметка на тоа плаќаат и паркинг плац. Замислете градската администрација плаќа паркинг плац и работи во несоодветни услови, а Градската куќа ја продадовме за евтини пари, вели Колариќ.