Колариќ: Субвенциите за клими се давани по партиски клуч, Антикорупциска да отвори случај

Денеска ќе поднесеме пријава до ДКСК за градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, за кој постојат основани сомненија дека ненаменски потрошил над 33 милиони денари народни пари, кои требало да бидат искористени за исплаќање на субвенции за инвертер клими на домаќинства кои се греат на дрва, нафта или мазут, истакна Светлана Колариќ, советничка во Советот на Град Скопје.

– Субвенцијата која требаше да ја добие едно домаќинство е до 62 илјади денари. Сите пари не завршиле кај домаќинства кои требаше да ги заменат своите печки на дрва со инвертер клими. Од свиркачи во Град Скопје имаме информации дека се давани субвенции и на домаќинства кои не ги исполнуват бараните услови пропишани во Програмата донесена од Советот на Градот Скопје на 29-ти јануари 2020 година. Ова е класична злоупотреба која мора да биде санкционирана. Дополнително постои сомнение дека поделбата на субвенциите е вршена и по партиски клуч. Имено на некој од граѓани им било барано да достават потврда од БЕГ дека не се приклучени на градското парно, на други им била прифаќана и изјава на нотар, а на трети не им се барани никакви документи. Применета е произволност и самоволие на градската управа спротивно на Програмата донесена од Совет на Град Скопје. Дополнително не е испочитувана и постапката за заштита на личните податоци, ниту еден граѓанин нема потпишано изјава за согласност за обработка на лични податоци, ниту пак е запазена постапката за прием на апликации, а Градот Скопје се однесува сеуште незаконски со документацијата. Ова е фотографија која е доказ за тоа. Ова се вреќи во кои е сместена документација со податоци на скопјани. Дојавата е од совесни административни службеници кои работат во Градот Скопје – истакна Колариќ.

– Имаме сомнежи дека се злоупотребени народни пари, не се постапува согласно законите, но и дека е вршен поткуп пред избори, особено заради фактот што огласот за инвертер клими беше распишан 13 дена пред парламентарните избори во 2020 година. Бараме ДКСК во најбрз можен рок да отвори постапка и да го истражи овој случај до крај – рече Колариќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.