„Колективна дата база“ од Марија Мицова Гацова е награденото дело на изложбата „Цртеж- експериментален цртеж“

„Колективна дата база“ на авторката Марија Мицова Гацова од Кочани е награденото дело на изложбата „Цртеж- експериментален цртеж“ на Друштовото на ликовни уметиници на Македонија (ДЛУМ) инспирирани од корона-кризата и светот во кој живееме. Наградата на Мицова и беше доделена синоќа во галеријата на ДЛУМ во ГТЦ.

Делото е нацртано е со јаглен, како симулација на дигитално креирано дело. Настанало во април, за време на вонредната состојба, како  одговор на притисокот што го чувствувала уметничката.

„Во ова дело сакав да реферирам на неколку прашања. тоа се: на кој начин личноста е поврзана со искуствата на колективитетот? дали се раѓаме со веќе изградени податоци-искуства од претците и дали сме слободни или нашиот избор е определен од таа колективна дата база?“, вели Марија Мицова Гацова- наградена авторка на изложбата „Цртеж- експериментален цртеж“.

Експерименталноста  на цртежот ја барав во употребата на мрежна структура, вели Мицова Гацова, наспроти линијата и плохата кои се карактеристични за цртежот низ вековите.

„Оваа мрежна структура е носач на историските искуства а процепите и празните места се спремни за нови податоци“, посочува Марија.

Членовите на ДЛУМ, Наташа Андонова, Пандора Апостолоска Саздовска, Јовица Мијалковиќ , Ана Спасова и Дијана Томиќ Радевска од реалистични, преку асоцијативни до симболични дела кои изразуваат протест ги искажуваат чувствата поврзани со кризита од корона вирусот и светот во кој живееме, на изложбата „ Цртеж- експериментален цртеж“. Делата се создадени во изолација, за време на полициските часови и претставуваат своевиден лек за прочистување на авторите.

„Мислам дека тоа е лекот кај нас уметниците. Кога работиме ние, всушност се прочистуваме. Го прочистуваме моментот во кој живееме. Но, го нудиме тој момент на публиката, за самата да почувствува чистење преку уметноста“, вели Дијана Томиќ – Радевска- претседателка на Уметничкиот совет на ДЛУМ.

Покрај јагленот, уметниците експериментирале со молив и туш, а користеле и комбинирана техника. Нивниот ангажиран пристап се огледа и во темите за преиспитување на еколошката свест, уништувањето на природата, но и потребата од самозаштита. Изложбата ќе биде отворена во галеријата на ДЛУМ во ГТЦ, до 15 август. Ќе може да ја видат  најмногу по двајца посетители наеднаш, со маски на лицата. А, во септември изложбата ќе биде поставена во Македонскиот културен центар во Њујорк.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.