Колев: Велес станува поубаво место за живеење, се реконструираат училишта, се градат улици

Покажавме дека за само 100 дена нештата можат суштински да се променат кога се работи чесно и одговорно. Она што многу пати досега го нагласив е дека транспарентноста и отчетноста кон граѓаните ќе бидат она по кое што ќе биде препознатлива мојата работа бидејќи само така може да постигнеме големи резултати и да го направиме Велес поубаво место за живеење, изјави градоначалникот на општина Велес, Марко Колев на денешниот настан „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.

Колев истакна дека се реализираат веќе започнати проекти, но се работи на нови конструктивни решенија со кои општината ќе стане уште поубаво место за живеење.

„Затворената општина која ја затекнав е веќе минато и сега вратата на мојот кабинет е отворена за сите – воспоставивме отворен ден за граѓани секоја среда. Двата најгорливи проблеми кои ги имаа нашите граѓани а тоа е процесот на легализацијата и процесот на издавање на решенија за данок на имот се забрзани. Во првите 100 дена изготвивме 100 решенија за легализација кои се веќе поделени кон нашите граѓани и повеќе од 1000 проекти по однос на данок на имот исто така се делат секојдневно“ рече Колев.

Додаде дека изминативе 100 дена асфалтирани и бетонирани се повеќе улици во градот – 8ми Март, Петар поп Арсов, Методија Андонов Ченто, Архиепископ Михаил, Андон Шурков, Јован Басаров, во вкупна вредност од околу 5 милиони денари.

„Во тек е изградба на улица 3-3 во месноста Касарна, со финансиски средства во висина од 6,4 милиони денари Изграден е потпорен ѕид на ул.Кирил и Методиј во вредност од околу 900 илјади денари. Ја завршивме реконструкцијата на плоштадот во село Горно Оризари во вредност од 1,4 милиони денари. Во завршна фаза е изградбата на полигон за велосипеди (Pump truck) во Градски парк со вредност од околу 4 милиони денари.  Реконструирани се водоводни линии во вредност од 7,4 милиони денари на улиците 8ми септември и Костурска, и отпочнато е со изградба на водоводна линија во населба Речани со средства од 2,4 милиони денари обезбедени од ТАВ Македонија“, изјави Колев.

Посочи и дека изградена е фекална канализација, шахти и приклучоци во населба Отовица во износ од 263 илјади денари, како и дека реконструирани се фекални канализации на улиците Страшо Пинџур, Никола Оровчанец, Илинденска, Јовче Ќучук и Орце Шутев, со вкупна вредност од 9,4 милиони денари.

„Мојата заложба од првиот ден е развојно планирање на градот, поради што  потпишани се два договори за соработка со Центар за развој на Вардарски плански регион во вкупна вредност од 16,4 милиони денари за асфалтирање на две улици во Индустриска зона УЗУС и во постапка е набавка на големо противпожарно возило за потребите на ТППЕ.  Потпишан е договор за грант со Министерство за финансии за изградба на водоснабдителен систем во Сопот, во висина од околу 12,4 милиони денари. Потпишан е договор за грант со Делегација на ЕУ во вкупна вредност од 46,4 милиони денари, за проект со кој ќе се уреди централното градско подрачје.  Потпишан е Договор за санација на канал за одведување на фекални отпадни води во населба Превалец во висина од 1,1 милион денари, и аплицирани се проекти за реконструкција на десетина улици во градот“, нагласи Колев.

Потенцираше дека еден од главните приоритети е и хигиената во Велес и токму затоа исчистени се голем број на диви депонии на повеќе локации во градот, приградските населби и селата, исчистени се атмосферски канали од наноси од земја и смет на повеќе локации во градот, кои со години не биле исчистени, како и хортикултурно уредени и организирани се зелените површини на повеќе локации.

„Децата се нашето најголемо богатство. Токму затоа во изминатите 100 дена беа изведени повеќе активности. Во ООУ Св.Кирил и Методиј беше извршена реконструкција на дворот и набавен парен котел во вкупна вредност од 2,5 милиони денари и отпочнато е со реконструкција на спортската сала инвестиција од над 10 милиони денари. Реконструкција на фасада во ООУ Васил Главинов во вредност од околу 7 милиони денари и заменета столарија со вкупна вредност од околу 3 милиони денари.  Инсталиран нов систем за парно греење во ООУ Рајко Жинзифов во Горно Оризари со финансиски средства во висина од 2,2 милиони денари а обезбедени се и 24,5 милиони денари од МОН за изградба на нова спортска сала.  Реконструкција на кабинети во ССОУ Димитрија Чуповски со средства од 8 милиони денари. Реконструирани се и кабинети и санитарни јазли во ССОУ Гимназија Кочо Рацин во износ од 3,2 милиони денари. Реконструкција на водовод и одвод, заменети стари врати и изработка на ПВЦ подови во ОСУ Јовче Тесличков со вкупни средства од 1,8 милиони денари.. Во ОЈУДГ Димче Мирчев вложени се 1,2 милиони денари за партерно уредување, изјави Колев.

Додаде дека  во делот со животната средина засадени се околу 1500 повеќегодишни садници од страна на општината, поединци, здруженија на граѓани и политички партии, а пошумени беа и 55 илјади хектари површина на опожарениот дел од Езерото Младост каде беа засадени 135.000 садници.

„Во изминатиот период, работевме и на веќе отпочнати проекти, односно финализиран е горниот дел од градскиот пазар, а отпочна со изградба и затворениот пазар на долниот дел. Вкупната инвестиција е околу 85 милиони денари. Но не застануваме тука. Пред нас се уште многу денови, месеци и години макотрпна работа, сè со цел од Велес да направиме просперитетен и модерен град за сите сегашни и идни генерации“, истакна Колев.