Колинда Грабар-Китаровиќ најмногу потрошила во кампањата за претседателските избори

Со потрошени 2.750.000 куни (околу 370.000 евра) кандидатката за втор претседателски мандат на ХДЗ Колинда Грабар-Китаровиќ е прва на листата по потрешени пари од единаесетте кандидати на претседателските избори во Хрватска. Според извештајот на Хрватската изборна комисија, кој го објави утрово, вкупно 222 правни и физички лица донирале 1.500.000 куни.

Независниот кандидат Мирослав Шкоро, кој според анкетите има шанси да влезе е вториот круг на изборите, со потрошени вкупно 2.240.000 куни е втор на листата. Кај него се пријавени седумдесет и еден донатор, јави дописникот на МИА од Заграб.

Шкоро во текот на кампањата неколку пати изјави дека тој лично ќе си биде најголем спонзор на кампањата.

Трет на листата е кандидатот на СДП Зоран Милановиќ кој досега има потрошено 1.325.000 куни, а пријавени се четириесет и четири субјекти кои донирале за неговата кампања.

Потоа следуваат кандидатите Дарио Јуричар, Катерина Пеовиќ, Иван Пернар, Далија Орешковиќ, Дејан Коваќ, Анто Џапиќ и Недељко Бавиќ, кој според извештајот кој го доставил до Хрватската изборна комисија не потрошил ниту една куна.

Инаку, првиот круг на претседателски избори во Хрватска ќе се одржи на 22 декември, а доколку е потребно вториот е закажан за 5 јануари 2020 година. Според анкетите, од сите кандидати во водство е досегашната претседателка и кандидат на ХДЗ Колинда Грабар-Китаровиќ, а шанси за втор круг им се дава и на кандидатот на СДП Зоран Милановиќ и независниот кандидат Мирослав Шкоро, на кои изминатава недела им порасна рејтингот и се доближија на Грабар-Китаровиќ.