Колку ќе ја чини македонската економија кризата во Украина?

Иако засега нема детални пресметки и навидум компаниите кои соработуваат или извезуваат на украинскиот пазар смируваат дека нема да има големи потреси, сепак, од Стопанската комора на Македонија соопштуваат дека од февруари целосно е запрен извозот на феросилициум, главниот македонски производ што се пласира на овој пазар.

„Во 2013 година, во размената на Македонија со Украина, најголемиот дел на извозната страна, 78,7 отсто, е регистриран кај извозот на феросилициум. Од 21,8 милиони американски долари вкупен извоз на Македонија во Украина, над 17 милиони отпаѓаат на извозот на феросилициум. Во февруари годинава запрена е испораката на феросилициум во Украина, при што договорите не се прекинати, туку само ставени во мирување. Се чека исходот од кризата. Ова секако ќе има негативни реперкусии, но не во голем обем, бидејќи најголемиот дел од извозот на феросилициум се реализира и во земјите од Западна Европа“, велат од Стопанската комора на Македонија за „Утрински“.

И додека извозот на феросилициум моментно е запрен, нема нарушувања на увозната страна во размената, во која преовладуваат суровини за металургијата.

„Од компаниите досега нема укажувања за сериозни нарушувања во снабдувањето со суровини од Украина. Но, неизвесен е исходот од кризата и евентуални мерки од меѓународната заедница, во смисла на санкции“, информираат од Комората.

Од таму додаваат дека се’ уште е рано да се коментира како би се одразила кризата при извозот на земјоделски производи на украинскиот пазар, бидејќи се работи за сезонски производи. Бизнисмените велат дека засега нема никакви проблеми или најави за откажување на договорите за соработка. А, воопшто не се занемарливи количините што се извезуваат. Зелката и другиот зеленчук, свеж или разладен, се извезува во вредност од 1,3 милиони долари, додека вредноста на извозот на свежи кајсии, цреши, вишни, праски и сливи, изнесува околу 1,2 милиони долари.

Дека кризата во Украина е закана за цената на енергенсите и на житните производи, деновиве укажа и Народна банка на Македонија. Од централната банка велат дека овие случувања создаваат ризици за нестабилност на светските цени што воедно може да има влијание и врз очекуваното економско закрепнување и на европските пазари, и кај нас.

На Украина се гледа како на најголем производител на сончоглед за масло и пченица во светот и иако има уште време до жетвата, доколку продолжи ваквата состојба, можно е да се зголеми цената на овие два производа на светската берза. Тоа и кај нас ќе влијае на цената на маслото за јадење и на пченицата, иако ние не сме увозно зависни за набавка на пченица од Украина.

Македонските мелничари смируваат и велат дека имаат солидни резерви, доволни да ги покријат потребите на пазарот до пролетната жетва. Тие очекуваат одлични приноси на пченица и во Македонија, и во регионот, поради што не очекуваат драматично зголемување на цените. Земјава ги надополнува потребите од лебно жито за домашниот пазар, најчесто со увоз од Србија, но евентуалната подолготрајна криза во Украина би оставила последици во светки рамки, кои ќе влијаат и на Македонија.

Цената на нафтата, пак, деновиве на светските берзи варира. Заканите на Европа дека Русија би можела да и’ воведе санкции уште оваа недела, повторно ја враќаат напнатоста.

Домашните аналитичари велат дека движењата на цената на нафтата се стабилни, дури има и благ пад, но според нив, тешко е да се предвиди како ќе се движат работите.

Вчера Регулаторната комисија за енергетика ја одреди и новата цена на гасот на 28,5 денари за нормален кубен метар, при што таа бележи благ пад, бидејќи претходно изнесувала 28,77 денари.

„Регулаторната комисија за енергетика тековно ги следи состојбите на берзанските цени и во овој период не се забележани позначајни поместувања, туку цените се на едно релативно стабилно ниво. Така во овој момент не постојат поголеми ризици. Но, тешко е да се предвиди што ќе се случува во иднина“, велат од Регулаторна за весникот.

Аналитичарите велат дека цената на природниот гас целосно ја диктира Русија, додека кај цената на нафтата таа нема толкаво влијание. Тие дури посочуваат дека поради тоа што на Русија и’ одговара цената на нафтата да биде висока, западот ќе оди на нејзино вештачко намалување на светските берзи. Сепак, сите очекуваат, по претстојниот референдум во Крим викендов, да се расчистат состојбите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.