Колку пари платиле родителите принудно за оштетени учебници

Родителите на учениците од основните и средните училишта платиле 53.000 евра како надомест за оштетени учебници во текот на 2017-та година, покажува завршната сметка за минатата година на Министерството за образование и наука, а потпишано од претходната раководителка на овој ресор, Рената Дескоска.

Ако се знае дека во Македонија има 11.000 паралелки во основните и 3.500 паралелки во средните училишта, или вкупно 14.500 паралелки, тоа во просек значи дека еден клас направил штета од 3,65 евра по учебниците.

Може да се заклучи дека станува збор за мошне мала сума во однос на цената во милиони евра која МОН секоја година им ја плаќа на издавачките куќи да изработат и достават нови бесплатни учебници до училиштата.

Од МОН велат дека ценовникот за тековната учебна година за плаќање за секој оштетен или загубен учебник посебно, за кој уплатата е 70 отсто од пазарната вредност, ќе се изработи во текот на април.

Секторот го изработува ценовникот за надомест на оштетени учебници секогаш во април или мај за секоја година посебно. Тоа е така затоа што во тој период од годината се утврдува дали некој учебник е оштетен или не, сега е рано за тоа. Инаку, доколку издавачките куќи го имаат веќе во редовна продажба учебникот, секој поединец може да си купи таков нов и со тој да го замени стариот – вели Давор Политов од МОН.

Според стариот ценовник објавен за 2017/2018, надоместокот за оштетени учебници во основно образование во зависност од преметите се движи од 40 до 100 денари, во средните стручни училишта од 100 до 200 денари, а во гимназиите од околу 200 до 400 денари.

Според Правилникот, Ученикот по завршувањето на наставната година треба, најдоцна до крајот на месец јуни во тековната учебна година, да го врати комплетот на учебници неоштетен на одделенскиот, односно раководителот на паралелката. Одделенскиот раководител внесува податоци за родителите кои ги вратиле учебниците, податоци за вратените учебници (наслов на учебник, автор), состојба во која се вратени учебниците (употребливи, оштетени). Библиотекарот во електронската евиденција внесува податоци за учебниците кои се вратени за користење за наредните учебни години и за учебниците кои се оштетени и неупотребливи. За оштетениот учебник се издава уплатница на име на буџетски корисник која треба родителот да ја прикаже како доказ дека трансакцијата е извршена.

Министерот Арбер Адеми пред почетокот на школската година најави дека за 2018/2019 учебниците ќе бидат поевтини во однос на минатата година.

Оваа година при преговорите со издавачките куќи, постигната е откупна цена која е за 40% пониска во однос на минатите години, соопшти тогаш од МОН.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.