Колку повеќе штетни гасови од увезените автомобили, толку повисоки даноци за нив од годинава

Половен патнички автомобил со дизел мотор од Европската унија – ако чини 10 илјади евра и има емисија на CO2 од 120 грама на километар, ќе биде оданочен 300 евра според новите правила кои важат од годинава. Стотина евра повеќе од патнички автомобил со бензински мотор. Логиката на цариниците е јасна – колку повеќе возилото го загадува воздухот, толку повеќе ќе биде оданочувано.

Дали е ова мерка со единствена цел полнење на касата или грижа за животната средина – за Телма објаснуваат од Царинската управа.

Мора да ги следиме трендовите коишто во Европа веќе подолго време се во пракса. CO2 е еден од клучните параметри како алатка за борба против загадувањето. Мислам дека кај младите тој дел е многу поизразен. Сите тие се еколошки многу поосвестени. Знаеме какви протести имаме околу загадувањето. Мислам дека младата популација тоа сигурно ќе го има предвид кога ќе набавува возило. изјави Анастас Маженковски од Секторот за акцизи при Царинската управа.

Ваквото оданочување е дел од текстот на новиот Закон за данок на моторни возила, донесен пред неполн месец. Новите правила почнаа да важат на први јануари.

Целта е да се стимулираат граѓаните, покрај она што го бараме – почист воздух, и да размислуваат кога ќе набавуваат возило да биде тоа возило со пониска емисија на CO2. Тоа ќе значи да има заштеда во својот буџет и таа заштеда да можат да ја пренасочат во купување на нешто поново и поеколошко возило коешто помалце ќе загадува. Како скалата за вредности на CO2 оди повисоко, така се зголемува и данокот за моторни возила. изјави Анастас Маженковски, од Секторот за акцизи при Царинската управа.

Возилата со вредност до 10 илјади евра подлежат на данок само за вредностите на CO2 коешто ги произведуваат. Над таа сума, возилата се оданочуваат и според нивната вредност. Во Царинската управа се свесни дека новиот принцип на оданочување ќе предизвика реакции во јавноста, но Анастас Маженковски прогнозира дека за два до три месеци граѓаните ќе се навикнат на оваа мерка.

Оние коишто планираат да си купат возило, на веб-страницата на Царинската можат да најдат калкулатор за да пресметаат колкав дел од својот буџет ќе мораат да потрошат за данок.