Колку точно вакцини ќе добие Македонија преку Covax механизмот во првата половина од годинава?

Од Министерството за здравство велат дека ќе бидат 175.000, но на официјалниот документ кој го објави Светската здравствена организација (СЗО – WHO) стои дека земјава ќе добие 103.200 вакцини на „AstraZeneca“.

Колку и да бидат, нема да стигнат наеднаш. За во март се најавуваат 35 отсто, што би било од 40 до 60 илјади вакцини, односно дози кои се доволни за вакцинација на 20 до 30.000 луѓе.

Кога ќе пристигнат останатите над 700.000 дози за кои Македонија наводно има аплицирано останува непознато, но е сигурно дека не може да се очекуваат летово.

Освен со овие вакцини, веќе извесно е дека до крајот на февруари ќе пристигне и пратката од 200.000 вакцини од Кина. Се очекуваат и првите 5.850 дози преку директниот договор со „Pfizer“, како и ветената донација од 8.000 вакцини од Србија.

Во најоптимистичката варијанта, за имунизација од март до јули земјава на располагање ќе има околу 320.000 вакцини за 160.000 граѓани – што нема да покрие ниту 10 отсто од населението.

200.000 Кина (февруари)

103.200 Covax – AstraZeneca (март)

5.850 директни преговори со Pfizer (февруари)

8.000 донација од Србија (?)

ВКУПНО: 317.050 ВАКЦИНИ ЗА 158.525 ГРАЃАНИ

Преку механизмот Covax ќе бидат испорачани 337,2 милиони вакцини во 145 земји во првата половина од 2021 година. Дури 336 милиони се вакцини на англошведската фармацевтска компанија „AstraZeneca“, а другите се на американскоп-германскиот тандем „Pfizer/BioNTech“ и ќе ги поделат 20 земји кои досега не склучиле директни договори со овој производител.

Кога се во прашање земјите од соседството, за нив преку Covax засега се обезбедени 955.000 вакцини. Најголем дел, сразмерно населението, оди во Србија – 345.600 дози, а најмалку Црна Гора – 84.000 дози.