Колонизаторите и „употребливите локални елементи“ (втор дел)

страшо ангеловски

Само што го напишав текстот со ваков наслов наменет на овдешните „употребливи локални елементи“ или слуги на колонизаторите од „меѓународната заедница“, а случувањата во Авганистан ме принудија да го пишувам и овој втор дел. Имено, во текстот напишав дека и хартиените марамчиња се „употребливи“, како и „локалните елементи“, се’ додека не бидат искористени. А, потоа, потоа се знае, завршуваат меѓу отпадоците. За жал, случувањата во Авганистан на најбрутален начин го потврдија тоа.

Сите бевме сведоци на мачните сцени кога илјадници луѓе кои како „употребливи локални елементи“, заради американските интереси, соработувале со дотогашните власти на претседателот Ашраф Гани, кој патем прв побегна од државата, се обидуваа да се качат во последните американски авиони и хеликоптери кои натоварени со американски државјани, панично го напуштаа Авганистан. Некои од нив, во грозоморието на случувањата, дури и испаѓаа од претоварените авиони во лет, додека на пример еден британски авион замина од аеродромот во Кабул со само една патничка, сопруга на некој британски офицер. Типичен пример за „солидарноста“ на колонизаторите со своите „употребливи локални елементи“ кога треба да се спасува сопствениот задник.

Овдешните „употребливи локални елементи“ треба внимателно да ги гледаат снимките од Авганистан за да знаат што се случува со таквите откако ќе бидат искористени.
Но, што навистина, освен понижувачкото панично бегство на американските сили, се случува во Авганистан?

Од 2002 до 2020 година, дваесет држави, меѓу кои најмногу САД и Велика Британија легално им продавале оружје на властите во Кабул. Притоа, Властите во Кабул купиле 467 оклопни возила, 1.064 артилериски орудија и минофрлачи, 11 авиони и 124 хеликоптери, 30.000 автоматски пушки, 90.000 јуришни пушки, 25.000 лесни и околу 12.500 тешки митралези, десеттици авиони и хеликоптери пристигнале како донација, па во моментот на капитулацијата пред талибанската „моќ“, официјален Кабул поседувал околу 1.000 оклопни возила, 69 авиони, 157 хеликоптери и 13.000 лесни оклопни возила Хамер.

Овие податоци говорат за една релативно добро опремена армија на која беа потрошени и стотици милијарди долари за обука, армија која за два дена беше поразена од талибанските „башибозуци“. Ова само јасно зборува за една работа – платените „употребливи локални елементи“ во моментот кога ќе останат без поддршката од своите газди и без основниот мотив за борба – парите, стануваат немоќни пред далеку послабо вооружените, но исклучително мотивираните со чувство кон татковината борци, без разлика дали, како во случајов со талибанците, тие нам ни се допаѓаат или не.

Од друга страна, ова панично повлекување на американските сили во многу наликува на британските повлекувања во времето на нивната најголема моќ. Имено, повеќе од сто години траела ерата на најмоќната империја во светот (како светски полицаец), Велика Британија, позната како Пакс Британика (Pax Britannica). Пред крајот на своето владеење Велика Британија панично се повлекува од некои невралгични точки, кои ги остава како места на замрзнат конфликт. Таков е случајот со Индија и Пакистан, со поделениот Кипар, со Ерусалим, па ако сакате и најновиот со Хонг Конг, преку кој се обидуваат да ја дестабилизираат Кина.

Американското панично и понижувачко бегство наместо достоинствено повлекување, како да го навестува скориот крај на триесетгодишното владеење на САД како светски полицаец и ерата на Пакс Американа (Pax Americana), но и оставањето замрзнат конфликт и простор за дестабилизација на тамошниот регион, во срцето на Азија, во соседство на Русија, Кина и Иран (замислените непријатели на американските неолиберални стратези).

Вториот фактор на дестабилизација, овојпат на европскиот континент, треба да бидат реките бегалци кои САД, срамно бегајќи од Авганистан, им ги сервира на своите сојузници во Европа. Им сервира млади, воено и работно способни луѓе кои треба да ја преплават Европа, додека нивните сопруги, сестри, мајки, дедовци и баби и сите немоќни категории останаа да ги трпат „ѕверствата“ или да се борат против талибанците.

Ова, со веќе и претходно пристигнатите милиони бегалци на тлото на Европа, е само продолжение на веќе започнатиот процес на ревизија на Вестфалскиот договор од 1648 година, врз чии принципи за првпат се создадоа држави и нации онакви какви што денес ги познаваме. Ревизија со која треба да се укинат националните држави и да се создаде европско отворено општество на безброј раси, етникуми, религии и традиции, измешани во еден „лонец“, податливо за целосна глобализација и управување од неолибералната творба на која веќе подолго време работат неолибералните глобалистички стратези – „светската влада“.

За среќа, европските лидери, или барем поголемиот дел од нив, ја „прочитаа“ ваквата игра и се спротивставија на приемот на бегалци донесени со американски авиони (небаре пилотите на овие авиони не го знаат патот до Америка, туку само до Европа). Само „употребливите локални елементи“ со „свиткана кичма“ од типот на Заев, беспоговорно, сервилно, дури и понудувачки, заедно со колегите од Косово и Албанија, ги извршуваат наредбите на големиот газда.

Македонија, по којзнае кој пат во овие четири години е понижена, исмеана, но и доведена во опасност. „Употребливите локални елементи“ заради „минута повеќе“ на власт упорно и упорно работат спротивно на интересите на сопствениот народ (доколку воопшто некогаш го чувствувале како сопствен).

Осиромашениот, обесправениот, обезработениот македонски народ, од својот даночен денар треба да го плаќа хотелското сместување, социјалната и здравствена заштита, школувањето и вработувањето на луѓе кои бегајќи газпрекуглава ја оставија на цедило сопствената родна земја, па можеме само да замислиме колку ќе ја почитуваат нашата. И нејзините закони, правила, начин на однесување и традиции.

Затоа, и покрај целата човечност која многупати досега штедро ја покажал овој народ, овојпат мора да се спротивстави на авантуристичкото, понижувачко, сервилно однесување на „употребливите локални елементи“ и да каже НЕ за прием на бегалците замислени како дестабилизирачки фактор.

Едно големо НЕ, какво што веќе соопштија редица храбри и чесни европски лидери.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес