Колоски во одбрана на Мизрахи: Антисемитските коментари се неприфатливи за нашето општество

Методија А.Колоски, претседателот на Обединетата македонска дијаспора, ОМД, на својот фејсбук профил застана во одбрана од антисемитските вербални напади на кои беше изложена деновиве Рашела Мизрахи, новата министерка за труд и социјална политика во преодната Влада.

„Стојам на страната на нашите пријатели кои се JewishANDProud, (Евреин сум и горд сум на тоа). Особено со Рашела Мизрахи која стана првиот еврејски министер во влада во историјата на Македонија, а доби повратни антисемитски коментари изминатиов викенд, што е неприфатливо во нашето општество!“, напиша Колоски на својот фејсбук профил. Тој истовремено ја ажурираше својата фејсбук фотографија, со рамка од логото на АЈС, Американскиот еврејски комитет.

Инаку, вербалните напади кон Мизрахи од партиски членови на СДСМ, беа топ тема во израелските медиуми во понеделникот. „Срамни беа антисемитските реакции“, изјави на тоа Ефраим Зуроф, директорот на Центарот Симон Визентал за Источна Европа, за Еврејската Телеграфска Агенција, каде со наслов „Македонија го доби својот прв Евреин член на Владата“ беше објавена анализа на сѐ она што се случуваше последните денови откако Рашела Мизрахи беше изгласана за министерка за труд и социјална политика и за говорот на омраза од страна на политички активисти на СДСМ.

Еден од многуте фејсбук коментари на членови на СДСМ беше: Сигурна сум дека нацистите има и Евреи кои се бореа за подобри права на Евреите…, напиша Мерсиха Смаиловиќ, активистка за муслиманска заедница и поранешна вработена во Министерството со кое сега раководи Мизрахи, која ѝ порача на Мизрахи да ја закачи Давидовата ѕвезда.

Лавината навреди и говорот на омраза на социјалните мрежи од некои членови на СДСМ уследија откако во интервју за „Алфа“, дадено во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, стоеше во заднината на министерката Мизрахи, партиски симбол, односно знамето на ВМРО ДПМНЕ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.