Колумбија и Дрогба играат за осминафинале

Можно е подобриот од меѓусебниот дуел помеѓу репрезентациите на Колумбија и Брегот на Слоновата Коска и математички да осигура пласман во 1/8 финалната рунда на јубилејното 20. Светско првенство.

Во првото коло, Колубија забележа убедлив триумф од 3:0 во дуелот против селекцијата на Грција, додека претставникот на Африка забележа пресврт победа од 2:1 во дуелот против селекцијата на Јапонија.
За разлика од првиот натпревар, кој го стартуваше на клупата за резервни фудбалери, најголемата ѕвезда во дресот на Брегот на Слоновата Коска, Дидиер Дрогба, најверојатно ќе добие шанса да биде дел од почетниот состав, а со тоа ќе биде и најголема опасност пред колумбискиот гол.

„Да, бев многу разочаран, но морам да покажам респект кон тие кои го започнаа натпреварот против Јапонија. Се што сакам е да му помогнам на мојот тим, сакам да му помогнам и во дуелот против Колумбија. Следниот дуел има уште поголемо значење. Колумбија има поквалитетен тим од Јапонија, но со евентуалниот триумф, ние ќе го решиме моментално најголемиот проблем, пласманот во следната рунда”, изјави пред натпреварот Дидиер Дрогба.
Дуелот помеѓу Брегот на Слоновата Коска и Колумбија ќе стартува во 18:00 часот.