Колумбија осигура пласман во следната рунда

Со минималниот, но сосема заслужен триумф од 2:1, кој го забележаа во дуелот против директниот ривал за првата позиција во групата “Ц”, селекцијата на Брегот на Слоновата Коска, репрезентативците на Колумбија и математички го осигураа посакуваниот пласман во 1/8 финалната рунда.

Нов погодок на своето конто запиша малдиот играч за врска, Џејмс Родригез, а вториот погодок за Колумбија беше дело на Хуан Куинтеро. Почесниот погодок за Брегот на Слоновата Коска беше дело на крилниот напаѓач на италијанскиот калчолигаш Рома, Жервињо.

„Многу сум среќен, многу сум задоволен од играта на моите фудбалери. Го исполнивме даденото ветување, обезбедивме пласман во следната рунда, покажавме дека сме доволно храбри, дека не се плашиме од ниту еден противник. Победивме еден максимално незгоден противник. Имаше и драма во последните 15 минути од натпреварот, но тоа е нешто нормално на Светското првенство”, изјави по натпреварот селекторот на Колумбија, Хозе Пекерман.