Колумбиската војска пријави присуство на балон

Додека тензиите меѓу САД и Кина се зголемија поради соборувањето на аеростатското летало за кое Вашингтон тврди дека бил шпионски балон, Колумбија објави дека забележала сличен летачки објект во својот воздушен простор.

Утрото на 3-ти февруари националниот систем за противвоздушна одбрана открил објект на височина од околу 17.000 метри кои влегол во колумбискиот воздушен простор во северниот сектор, соопштија ноќта кон неделата воздушните сили на Колумбија.

Објектот се движел со просечна брзина од околу 46 километри на час, покажувајќи „слични карактеристики како балон“. Колумбиските воздушни сили објектот го следеле со својот одбранбен систем, додека не го напуштил државниот воздушен простор.

Леталото не претставувало „закана за националната безбедност, ниту за одбраната, а ниту за безбедноста на воздушниот сообраќај“, се додава во соопштението и се наведува дека сега се соработува со други земји за да се открие потеклото на објектот.

Американската војска во саботата над брегот на сојузната држава Јужна Каролина го собори балонот за кој тврди дека бил кинески шпионски балон.

Кина тврди дека станува збор за цивилен истражувачко балон опремен со инструменти за следење на метеоролошките услови, а скршнал до курсот во правец на САД поради силни ветрови. Пекинг, исто така, остро реагираше на одлуката леталото да биде соборено.

Балонот беше откриен над Монтана во средата, каде што 150 интерконтинентални балистички ракети вооружени со нуклеарни боеви глави се складирани во воена база на северот од оваа американска сојузна држава, а Пентагон соопшти дека претседателот го одобрил уривањето истиот ден.

Во петокот портпаролот на американското министерство за одбрана Пат Рајдер изјави дека втор балон е забележан над Латинска Америка.