Коман ја заокружи беспрекорната сезона на Баерн

Фудбалерите на минхенски Баерн по шести пат станаа прваци на Европа, откако во финалето одиграно вечерта во неделата во Лисабон, првпат во историјата на Лигата на шампионите без публика, со 1:0 го совладаа Пари Сен Жермен.

Решавачкиот погодок го постигна во 59 минута францускиот напаѓач на Баерн, Кингсли Коман, кој иронично – е роден парижанец и фудбалските чекори ги започнал во школата на вечерашниот противник.

Освен стрелецот на славеничкиот гол, се чини најмногу заслуги за триумфот на Баерн има и голманот и капитенот Мануел Ноер, кој со неколку свои интервенции ги спречи ПСЖ прв да дојде во водство, а потоа и да израмни.

Завршниот дуел започна со висок притисок врз последната линија на одбраната на противникот и од двата тима, со што се отвори простор за брзо загрозување на баерновиот голман Мануел Ноер односно повратникот во редовите на ПСЖ, Кејлор Навас.

Во првите 15 минути во таквата игра имаше многу погрешни проигрувања, а тогаш во само три минути двапати Килиан Мбапе и еднаш Нејмар се најдоа во противничкиот шеснаесетник во ситуаиции кои претставуваа закани за Ноер. Сите три акции се одвиваа по левата страна, а Мбапе во само шеесет секунди двапати си обиде со десната нога во спротивниот агол, но двата негови обида завршија во блоковите, првиот пат на Горетцка а вториот на Кимих. Во 18 минута Ноер првпат директно беше принуден да ја спасува својата мрежа. Мбапе овојпат беше асистент, со навремено додавање го проигра Нејмар кој во налет се обиде да го погоди спротивниот агол, но Ноер се „отвори“ и во неговиот карактеристичен помалку ракометарски стил прво спречи гол, а потоа и одбиената топка и можната асистенција на Нејмар за Мбапе кој беше пред празната мрежа.

Како и на мечот со Лион, Баерн можеше да ги казни промашувањата на ПСЖ веќе во 22 минута, кога Роберт Левандовски на 12 метри од противничкиот гол свртен со грбот упати итар удар, Навас се истегна со целата своја должина но топката го мина, а за несреќа на Полјакот мина и на само неколку сантиментри од стативата.

Две минути подоцна повторно на сцена стапи нападот на ПСЖ. Ерера, Мбапе, Нејмар и Ди Марија ги исфрлаа од строј одбранбените играчи на Баерн, Аргентинецот на крајот се најде на 14 метри од голот малку откосо, шутираше силно но топката отиде високо над пречката. Во истата акција додека се обидуваше брзо да се врати кон својот шеснаесетник за да го спречи нападот на ПСЖ, Жером Боатенг ја обнови повредата и мораше да го напушти теренот, а го замени Никлас Шуле.

ПСЖ имаше уште една изгледна можност да поведе во 29 минута. Ди Марија нафрли а на одбиената топка на 25 метри од противничкиот гол натрча Ерера кој силно шутираше. Но на патот кон голот на Ноер, топката го погоди Горетцка и заврши крај стативата, а ПСЖ не доби ниту корнер.

Во овој период Баерн го имаше поголемиот посед на топката, но ПСЖ беше поопасен кога неговите играчи беа во напад. Мала рамнотежа во шансите предизвика Гнабри во 32 минута, кога нафрли од десната страна, топката пред Левандовски ја смени насоката, Полјакот сепак во пад наназад успеа да упати удар со глава под пречката, но Навас беше доволно присебен и се најде на вистинското место за да спречи гол.

Во финишот на првото полувреме пред двата гола имаше по уште една можност за постигнување погодок. Во 44 минута последните играчи во одбраната на Баерн згрешија и отворија простор за Мбапе, кој додаде до Ерера кој со потег од „малиот фудбал“ ја врати кон Мбапе кој од десетина метри шутираше несвојствено слабо по средината на голот и директно во Ноер. Веќе во следната минута Коман мина по левата страна, влезе во шеснаесетникот мина пред Керер кој ја стави раката врз неговот раме, и двајцата се најдао на тревата, но судијата Даниеле Орсато не покажа на белата точка. И покрај протестот на Баварците, не се огласи ниту ВАР-от.

Откако првото полувреме донесе врвен фудбал освен погодоците, на почетокот од вториот дел играчите на Баерн со остри стартови ги примирија напаѓачите и средниот ред на ПСЖ. Токму во моментите кога се чинеше дека двете екипи го намалија темпото на играта, беше постигнат погодокот кој подоцна се покажа решавачки.

Ханси Флик, кој реши мечот да го започне со Кингсли Коман на левата страна наместо вообичаената постава со Иван Перишиќ, во 59 минута доби потврда на својата одлука. Топката дојде до Јошуа Кимих на десната страна, а германскиот репрезентативец од врвот на шеснаесетникот нафрли на петерецот на спротивната статива, акцијата внимателно ја следеше Коман и непречен со глава од задгрб на противничките играчи го совлада Навас кој беше немоќен да реагира на шутот во спротивната страна.

Ова беше 500-от погодок на Баерн во најелитното натпреварување на континентот, со што им се придружи на Реал Мадрид и Барселона во оваа категорија.

И покрај промашувањата и примениот гол, играчите на ПСЖ не покажаа деморализирање. Во 67 минута Ди Марија добро го исфрли во фор Мбапе, но ударот на вториот не беше доволни силен и прецизен за да го измами Ноер. Капитенот на Баерн уште еднаш со одлична интервенција го спаси својот гол во 70 минута, кога Ди Марија одлично го проигра Маркињос, но ударот на Бразилецот заврши во испружената нога на Ноер.

Во 73 минута Орсато уште еднаш не реагираше при дуел во казнениот простор, а овојпат се лутеа играчите на ПСЖ. Мбапе се уфрли во шеснаесетникот пред Кимих кој имаше контакт со францускиот репрезентативец, но пенал не беше досуден. До крајот на мечот ПСЖ создаде уште неколку опасни ситуацијаа пред голот на Баерн , но Мбапе, Нејмар и Чупо-Мотинг немаа доволно смиреност и прецизност да ја испратат топката во мрежата.

Така Баерн со шестата титула во Лигата на шампионите се израмни со Ливерпул, а пред нив се само уште Милан со седум и Реал Мадрид со 13 титули. Следат Барселона со пет, Ајакс со четири, и Интер и Манчестер Јунајтед со по три титули.

По земји, рекордери се Шпанците со вкупно 18 титули, англиските клубови имаат 13 пехари, а на трето место се Италијанците со 12 наслови првак на Европа.

Минхенскиот тим стана и првиот клуб кој до титулата стаса со победа во сите натпревари осигурувајќи само од паричните награди 82.450 милиони евра заршувајќи ја извонредната сезона, откако претходно ја освоија и Бундеслигата и германскиот национален Куп.