Командантот на британските сили: Глобалната неизвесност создава ризик од нова светска војна

Моменталната глобална неизвесност и притискот предизвикан од економската криза како последица од пандемијата на коронавирусот, би можеле да ја зголемат опасноста од избувнување нова светска војна, предупредува командантот на британските вооружени сили, Ник Картер.

Во интервју објавено по повод Денот на сеќавањето, годишно одбележување во спомен на загинатите и ранетите во воените судири, командантот на британската армија Ник Картер, вели дека зголемувањето на регионалните тензии и погрешните процени може да доведат до раширен судир.

„Мислам дека живееме во момент во кој светот е многу неизвесно и неспокојно место и, секако, динамиката на глобалната трка е одлика на нашето живеење. Сметам дека со поприличниот број регионални судири кои моментално се одвиваат, постои вистински ризик од ескалација која би можела до доведе до погрешни процени“, вели Картер во интервјуто за телевизијата Sky News.

Запрашан дали смета оти постои вистинска закана од нова светска војна, Картер одговори дека „Она што го зборувам е дека постои опасноста и дека мораме да бидеме свесни за тие ризици“.

Картер, кој е на чело на британските вооружени сили од 2018 година, вели дека е важно светот да се присетува на оние кои загинале во претходните војни како предупредување за оние кои би можеле да ги повторат грешките од минатото.

„Ако заборавите на ужасите на војната, тогаш постои голема опасност луѓето да мислат дека војувањето е разумна работа која треба да се направи“, додаде.

„Мораме да се сетиме дека историјата можеби нема да се повтори, но дека има ритам и дека, кога ќе погледнете наназад на изминатиот век пред двете светски војни, несомнено постоела ескалација која довела до погрешни процени кои на крајот довеле до војни од такви размери, какви што, се надевам, никогаш повеќе нема да видиме“, рече Картер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.