Командантот на германската морнарица поднесе оставка поради изјавите за Крим и Путин

Командантот на германската воена морнарица, вицеадмиралот Каи-Ахим Шенбах, во саботата изјави дека побарал да биде ослободен од должноста поради неговите изјави дека рускиот претседател Владимир Путин заслужува почит и дека црноморскиот полуостров Крим никогаш нема да се врати во составот на Украина.

„Штотуку побарав од сојузната министерка за одбрана Кристин Ламбрехт веднаш да ме разреши од моите задачи и должности како командант на поморските сили. Министерката ги прифати моето барање“, соопшти вицеадмиралот Шенбах во изјавата  објавена на порталот PressePortal.

Шенбах посочува дека смета оти таквиот потег е неопходен за да се избегне „натамошната штета“ за германската флота, германските вооружени сили и самата земја.

Вицеадмиралот ја поднесе оставката по коментарите дадени во петокот во Индија. Потоа, Украина ги повика германскиот амбасадор во Киев и Шенбах да ја повлечат изјавата.

„Тоа што тој навистина го сака е почитување на рамноправна основа. И Боже мој, да му се даде почит некому малку чини, ако не и ништо. Доколку мене ме прашувате, едноставно е да му се даде почитување коешто навистина го бара и веројатно исто така го заслужува“, изјави Шенбах зборувајќи за Путин.

Претходно на истиот настан командантот на германската воена морнарица рече дека црноморскиот полуостров Крим никогаш нема да се врати во составот на Украина. „Кримскиот полуостров замина, нема да се врати“, рече Шенбах.

Во врска со обвинувањата на Западот на адреса на Русија дека наводно планира дестабилизирање и инвазија врз соседна Украина, германскиот вицеадмиралот оцени дека тоа се „глупости“.

На Германија и на Индија потребна им е Русија за спротиставување на Кина, истакна Шенбах. Подоцна тој на Twitter објави дека неговите изјави биле „очигледно погрешни“ и „непромислени, погрешни процени во оваа ситуација“.

Коментарите на Шенбах дојдоа во периодот на застрашувачка ескалација на тензиите меѓу НАТО и Русија, откако неколку западни сили ја обвинија Москва дека распоредила стотина илјади војници во близина на границата со Украина и дека наводно подготвува инвазија врз соседната земја, но без да се неведе што би била причината. Русија негира дека има такви намери и одговори дека придвижувањето на нејзините единици е одговор на засиленото вооружување на Киев од страна на западните земји и многу веројатната одлука на украинските власти за воено решение на граѓанската војна со одметнатите југоисточни региони со доминатно руско население.

Црноморскиот полуостров Крим, каде што е историското седиште на руската Црноморска флота, по превратот во Киев во март 2014 година, со два референдума и со мнозинство од над 90 отсто изгласа прво враќање на самостојноста на регионот укината со осамостојувањето на Украина од поранешниот СССР и за присоединување кон Руската Федерација. Москва набрзи потоа изгласа прифање на Крим во составот на федерацијата, а Западот инсистира дека тоа е нелегална руска анексија на украинска територија.