10.8 C
Skopje
вторник, март 19, 2024

Комарџијата Заев, во казиното на Хан, кај крупието Бејли, повторно става „All In“

страшо ангеловски

Многумина ја знаат онаа стара приказна дека мајката не плачела кога синот отишол да игра комар, туку плачела кога утредента отишол повторно, за да се „вади“ после изгубеното од вчера. Бидејќи знаела дека во желбата да се извади, овојпат ќе изгуби се’.

Оваа поучна приказна, за жал, ја живееме токму ние, денес. Ја живееме од денот кога Зоран Заев јавно призна дека со нас и со нашите судбини, со судбината на народот и државата играл комар. Играл комар без да праша кого било од нас. Дека, со жаргонот на комарџиите, ставил „All In“, илити, по наше, на големото рулет тркало ставил СЕ на црно. Ставил, затоа што газдата на казиното, Јоханес Хан, му ветил дека играта ќе биде наместена, дека крупието Џес Бејли ќе го сопре тркалото токму во моментот кога топчето ќе се наоѓа на црно поле.

Ете така започна приказната со референдумот. Арно ама, нешто тргна на лошо, тркалото не сакаше да застане, зашто оние непрашаните, влогот на Заев, тоа ќе рече македонскиот народ, не го прифати комарот. И тогаш, се сеќавате, Зоран Заев, сакајќи да ја внесе на рулет масата и опозицијата, секојдневно го молеше Христијан Мицкоски, лидерот на опозицијата, да го повика своето членство да излезе и да гласа против. Овој пак, гледајќи ги пропагандите за идиличен живот доколку помине договорот од Преспа (читај: комарот на Заев), си вели, ами што ако оние земјоделци од Видин, северозападна Бугарија, инаку веќе 11 години членка на ЕУ, навистина земаат по 25.000 евра годишно, како што ветува Заев, а намерно не купуваат земјоделска механизација, не купуваат автомобили, не ги реновираат запуштените куќи, одат во ветви алишта, само за да не’ лажат нас дека не е се така розево во ЕУ. Па си вели, ами што ако навистина наместо да се туркаат пациентите по ходниците на старата државна болница и со месеци чекаат на најосновна услуга, едноставно, како на билбордите, си го фатат авиончето и оп, во клиника Шварцвалд, шетаните тазе сопруги на градоначалниците точно знаат каде е тоа, па, без стрес и гужва си ги извршат сите прегледи. Па, доколку треба хируршка интервенција, си легнат во чисти соби, на чисти кревети. Па постоперативен третман во чистите алпски шуми, заедно со придружник од овде, од Македонија. И сето тоа бесплатно, еееј, бесплатно. И како сега да ги повикаш луѓето да гласаат против, при вакви билборди поставени ширум Македонија.

Но, наместо да го обвинува Мицкоски, најдобро би било Зоран Заев да си ги побара парите назад од оние што му ја подготвуваа референдумската пропаганда. Убаво си почнаа луѓето дека ова е референдум за влез во НАТО и ЕУ, ама наместо да продолжат со слоганот „За НАТО-вска и Европска Македонија“, па да ги прикажат НАТО достигнувањата во Ирак, Либија, Сирија, Србија, НАТО извлекувањето на терористите од Арачиново, тие, уплашени од преголема излезност, што од пакосниците ќе беше претставено како насилно полнење кутии, некаде на половина од кампањата ги избришаа НАТО достигнувањата. Со „НАТО-вска Македонија“ не само што ќе имаа излезност, туку и нивниот рекорд од еден гласач „ЗА“ на секои четири секунди, ќе беше надминат со еден гласач „ПРОТИВ“, на секои, да речеме, 2,7 секунди. Говорот на телото на Столтенберг, на прес конференцијата, оној до чија татковина која не е членка на НАТО, се наоѓа нашето столче, јасно кажува колку е човекот гневен што маслиновото гранче на НАТО не е употребено во кампањата. Гневен и на комарџијата и на газдата на казиното и на крупието, а најмногу на влогот, на македонскиот народ. Замислете, влогот му изгледал премногу мал.

Но, шегата настрана.

Резултатите од референдумот го говорат следново. Од 610.000 гласови „За“, според Бујар Османи, 250.000 биле албански гласови, околу 80.000 гласови биле на останатите неприпадници на македонскиот народ, околу 60.000 биле на оние кои протрчале на секои четири секунди да уфрлаат ливчиња, што ќе рече дека околу 220.000 Македонци гласале „За“ на референдумот. Доколку знаеме дека од оние 1,803.000 гласачи, најмалку 63 проценти се Македонци, или околу 1,130.000, според егзактноста на математиката, излегува дека нешто над 900.000 Македонци прашањето на Заев го игнорирале затоа што, прво самото прашање беше лажно во својот обид да предизвика измама и, второ, она најважното, Македонците не сакаа да одговараат откако биле ставени како влог на масата за комар во казиното на Хан, кај крупието Бејли, од комарџијата Заев, Ставени како шарени жетони. Епа, жетоните не можат да одговараат. Но, мора да се бројат кога се зборува за резултатите од референдумот. Мора да се бројат затоа што тие 900.000 жетони се влогот во комарот на Заев. Затоа што без тие 900.000 жетони, тој ќе немаше што да стави како влог во казиното на Хан, освен можеби нивите во Муртино.

И сега, сега почнува вториот дел од приказната. Делот кога мајката почнува да плаче. Имено, откако комарџијата Заев ја изгуби играта во која вложи „All In“, сега доаѓа денот кога тој сака да се „извади“, да го врати загубеното. И овојпат вложува на црно. Сега, Заев, како вистински комарџија, занесен од мирисот на марихуаната од неговите плантажи, повторно во соработка со газдата на казиното Хан, крупието Бејли, жената чија партија во матичната држава Италија има едвај 3 проценти поддршка, Могерини, луѓе кои веќе на пролет, на изборите за европскиот парламент, ќе бидат однесени од виорот, повторно става се’ на црно, но, овојпат, на најцрно. Зошто велам на најцрно? Затоа што денес, спротивно на волјата на над 900.000 Македонци, тој се обидува насилно да го протурка договорот од Преспа. Па, ги уценува и врбува пратениците од опозицијата, бара да се повлечат негови пратеници кои не се согласуваат и нема да гласаат „За“, го активира СЈО најотворено мешајќи се во неговата работа. И овој пат, веќе не е влогот постоењето на македонскиот народ, овој пат на рулет масата Заев на најцрно го става дури и мирот во државава и во регионот. Овојпат, за да се „вади“, Заев е подготвен да оди до крај, и до внатремакедонска граѓанска војна и до меѓуетнички конфликт.

Сите Македонци кои не мислат како него, ги претставува како оправдана мета за бескрајна омраза меѓу албанското население во државава и копа ров, толку длабок, што многу тешко во блиска иднина ќе го преминеме. Заради свој личен политички опстанок, како средновековен надрилекар, со пијавици ја пушта злата крв на омразата во целото општество, внатре во македонскиот народ, но и меѓу македонците и албанците во Република Македонија. И сето тоа преку најголемата измама дека со тоа гради граѓанско општество, дека е небитно што над 900.000 Македонци се против, бидејќи 600.000 граѓани се за. И да, тоа ќе биде така, кога ќе се укине бадинтеровиот принцип на гласање во државава како заштитник на колективни права на едно малцинство. Да, тогаш станува прифатлива „граѓанската“ теза на Заев. Дотогаш, тоа е измама од најдолен вид, за, сите оние кои се против, да се чувствуваат како валкани, радикални националисти, наспроти „граѓаните“ од албанското малцинство, кои онака „граѓански“ ги интересираат само албанските национални интереси.

Токму затоа, без разлика на личните незадоволства и неисполнети желби и барања, повеќе од потребно е токму денес, македонскиот народ да се обедини околу коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО ДПМНЕ, бидејќи реaлно претставува единствена организирана политичка сила која може да го сопре ова лудило. Најпрвин, со необезбедување двотретинско мнозинство во Парламентот (што, за жал, колку и гласно да вреска, не може да го стори никој друг), а потоа и на вонредните парламентарни избори. Јасно е дека на тие избори, кога и да се одржат, повторно коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО ДПМНЕ е единствената сила која може да го порази ова зло кое е надвиснато над Македонија, па, секој обид за самопромоција на политички субјекти изградени со секојдневно присуство на самоорганизираните протести на македонскиот народ, ќе значи одработување за топчето на рулет масата да застане на црно, па оние кои со полна уста се колнат во сопствениот народ, токму тој народ, како шарени жетони, да го фрлат на контото на газдата на казиното,крупието и комарџијата.

Автор: Страшо Ангеловски, Претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.