Комеморација за поранешната министерка Илинка Митрева во МНР

Со колаж од фотографии од професионалната кариера на поранешната министерка за надворешни работи Илинска Митрева пренесуван на интернет преку видео врска до сите дипломатско конзуларни претставништва на земјава и обраќање на актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи и поранешната шефица на нејзиниот кабинет Санта Аргирова, денеска во Министерството за надворешни работи (МНР) беше одржана комеморација за Илинка Митрева – лавицата на македонската дипломатија која почина на 31 јули годинава во Скопје на 72-годишна возраст.

– Илинка Митрева беше личност со префинет вкус со извонредни манири на однесување, вистинска дама која знаеше да ги користи своите таленти и доблести за постигнување дипломатски резултати за својата држава. Од колегите со подолг стаж во Министерството слушнав многу пофални зборови за Митрева. Таа била строга, но правична и искрена и целосно посветена на работата. Се залагала за работна дисциплина и за хиерархија, но знаела и да наградува за постигнати резултати, рече министерот Османи во своето обраќање на комеморацијата.

Тој нагласи дека Митрева спроведе бројни реформи во МНР, а круна на тоа беше донесувањето на првиот Закон за надворешни работи во кој беше предвидено две третини од амбасадорите да бидат именувани од редовите на професионалниот кадар. Во нејзиниот мандат, како што кажа, првпат повеќе жени станаа амбасадори.

– Илинка Митрева ќе му недостасува на нејзиното семејство, на своите пријатели, на своите поранешни колеги од МНР, на генерации на своите студенти, но едно е сигурно таа зад себе остави неизбришлива трага во МНР. Тука сме да одадеме почит на една извонредна личност која несомнено остави личен печат на нашата надворешна политика во исклучително важен и турбулентен период за нашата држава. Госпоѓа Илинка Митрева беше прва жена министер за надворешни работи и прв министер за надворешни работи во два мандати. Таа раководеше со Министерството 4,5 години, период кога успеа да оствари неколку големи стратешки цели за нашата држава. Таа беше исклучително храбра жена која не се плашеше од предизвиците и имаше доволно доблест да прифати да биде министер за надворешни работи на врвот на конфликтот во Република Македонија во мај 2001 година, посочи Османи.

Тој истакна дека таа бескомпромисно се бореше за државните цели користејќи извонредни дипломатски финеси за да постигне позитивни резултати и достојно пред сите го бранеше Охридскиот рамковен договор кој беше потпишан во нејзино време.

– Трпеливоста и упорноста останаа нејзин заштитен знак. Фактот што беше една од ретките жени министри за надворешни работи исклучително успешно знаеше да го искористи. Нејзините ораторски вештини и сега се спомнуваат кај колегите кои имаа привилегија да присуствуваат на разговорите кои таа ги водеше, истакна Османи.

Поранешната шефица на нејзиниот кабинет, Аргирова посочи дека Митрева гледаше далеку, а живееше во мигот и додаде дека имала чест за работи за уникатен човек, за жена која бескрајно ја сакаше својата татковина и не се штедеше да се бори за неа. Сакаше точност, дисциплина, работливост, лидер што покренуваше.

– Ни требаат луѓе како Илинка Митрева – почитувана и на Запад и на Исток, почитувана и од Колин Пауел и од Сергеј Лавров и сите нејзини колеги, како и претседатели на држави и премиери. Ни требаат луѓе за кои во странски весници ќе напишат „ако ја немаше Илинка Митрева ќе требаше да ја измислиме“ или ја нарекуваат тигрица од Балканот не затоа што е сурова или свирепа, туку затоа што е жестока и со страст за својата држава. Или Митрева поради својата убедливост, остар јазик и непосредност стана миленичка на западната дипломатија, подеднакво ја сакаа во своето друштво и Пауел и Патен иако сешто им кажува. Точно е дека таа беше светски играч од мала земја, нејзините успеси ниту можеа, ниту, пак, можат да бидат минимализирани. Покрај неа имав чувство дека сме од голема и моќна држава. Таа жена со убеденост после долга елаборација со стисната тупаница пред европскиот комесар за надворешни работи Кристофер Патен му рече – Македонија направи се и ние ќе аплицираме за членство, а вие размислете како ќе ни одговорите и со тоа го заклучи разговорот, рече Аргирова.

Таа истакна дека Митрева особено се гордееше со три моменти и велеше дека никогаш нема да го заборави утрото на 4 ноември 2004 година кога тогашниот американски амбасадор Лоренс Батлер влезе во кабинетот на претседателот со зборовите „од денеска сум амбасадор на САД во Република Македонија“.

– Вториот момент е во раното утро на 17 декември 2005 година кога прв од Брисел и се јави тогашниот министер за надворешни работи на Луксембург, Жан Асенборг и и кажа дека Македонија го доби статусот кандидат за членство во ЕУ. И третиот – моментот на нормализација на односите со Народна Република Кина по тајванската авантура, посочи Аргирова.

Митрева, потенцира Аргирова, беше достоинствена, а не арогантна, борбен, но фер играч – жена за која најголем подарок беше букет полско цвеќе или жолти рози, жена која сакаше да разговара со луѓето на улица и во такси и велеше дека тие се искрени соговорници кои ја држат на земја.

– Го донесе Законот за надворешни работи и го сметаше за најголемата инвестиција во професионализација на македонската дипломатија. Оценката за работата на амбасадорите или дипломатите никогаш не ја формираше според партиската припадност. Велеше критиката мора да биде издржана, сега сите и требаме на државата, никој не треба да ги штеди своите напори, почнувајќи од мене. Бевме среќни што ја имавме за министерка и за пријател. Ми беше највисока чест да работам за неа, потсети Аргирова.

Илинка Митрева е родена на 11 февруари 1950 година во Скопје. По дипломирањето на Филолошкиот факултет во Скопје – група романска филологија во 1973 година, магистрирала на Филолошкиот факултет во Белград, а потоа и докторирала на Филолошкиот факултет во Скопје.

Од 1974 до 2001 работи како помлад асистент, доцент и шеф на Катедрата за романски јазици и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Професор по француска книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевност е од 23 ноември 2001 до 31 октомври 2002 година. Митрева е автор на повеќе стручни и научни трудови.

Функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија ја извршува од 1994 до 2001 година. Митрева беше претседател на Комисијата за надворешна политика и шеф на Делегацијата на Македонија во Парламентарната димензија на Централно – европската иницијатива, шеф на собраниската група за соработка со Европскиот Парламент и член на Иницијативниот одбор за создавање клубови на НАТО.

Од 13 мај до 23 ноември 2001 беше министер за надворешни работи во Владата на широката коалиција. По победата на СДСМ на парламентарните избори во 2002 година повторно е назначена на оваа функција од 1 ноември 2002 година на која останува се до 26 август 2006 година.

Таа беше одликувана со три ордени на Француската Република во 1998 и 2016 година, и третиот – највисокото француско одличје – Витез на Легијата на Честа” во 2021 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.