Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ: Рудникот Иловица – голгота на концесионерот и месното население

957

Д-р Костадин Јованов, дипл.инж.хидрогеолог, член на Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ

Познавајќи ја материјата од областа на минералните суровини, не гледам сериозност во намерата за отворање на рудникот Иловица на концесионерот ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје. Од друга страна пак го разбирам револтот и негативниот став на локалните еколошки здруженија како и населението за овој проект.

За првпат концесијата за вршење детални геолошки истражувања на локалитетот Иловица доделена е во периодот 2004-2006 година, кога на власт беше СДСМ. Согласно Законот за минерални суровини по завршување на истражувањата, постапката продолжува, така што со Одлуката за доделување концесија за експлоатација на минерална суровина-руди на бакар и злато на локалитетот “с. Иловица”, општина Босилово (“Службен весник на Република Македонија” бр. 81/12), концесионерот има склучено Договор за концесија за експлоатација.

Концесионерот, на локалитетот имаше две концесии, кои всушност се едно рудно наоѓалиште. Првододелената концесија е со помал површински простор и најголемиот дел од рудните резерви се во оваа концесија. Истата е доделена на користење  за период до 30 години.

Втората концесија по простор е поголема од првата, но заради скромните рудни резерви, главно е во функција за поставување на потребната инфраструктура на рудникот (хидројаловиште, одлагалишта, машински згради, примарно и секундарно дробење на рудата, флотација и пристапни патишта и сл.).  На двете концесии, по сите параметри,  можно е проектирање на само еден рудник со целокупната пропратна инфраструктура. За двете концесии постојат посебни два ревидирани елаборати, во кои вкупните  рудни резерви се околу 550-600 мил.тони руда.

Со цел регулирање на дозволата за експлоатација, концесионерот до надлежниот орган, со задоцнување од еден ден по истекот на рокот, доставил Барање,  при што кон истото не ја доставил целокупната документација која се бара согласно Законот за минерални суровини.

За првата концесија од надлежниот орган за животна средина е одобрена Студија за влијанието на експлоатацијата врз животната средина. Навистина сериозно прашање претставува фактот што опфаќа самата студија, ако се знае дека целиот тој простор е со рудни резерви. Каде се поставени останатите руднички содржини (одлагалишта, хидројаловиште, машински згради, примарно и секундарно дробење на рудата, флотација и сл.)? Значи ли тоа дека тие се надвор од предметниот концесиски простор? Ако се земе во предвид фактот дека станува збор за едно рудно наоѓалиште и дека пред да се регулира дозволата за експлоатација потребно е спојување на двете концесии, а тоа не е направено, заклучокот е дека се работи за пропуст во законските постапки.

Проектантите проектираат рудник на простор од двете концесии, иако во тој период не е регулирана втора концесија, што исто така е противзаконски, т.е. недозволиво е да се проектира рудник на дел од простор кој не е регулиран со концесија. Рудникот е проектиран на 1/3 од рудните резерви, на околу 190-200 милиони тони рудни резерви. Никаде во светот нема такво проектирање на рудник, со толкав процент на искористување на рудните резерви. Што значи, наместо векот на рудникот да биде 50-60 години, истиот би бил 20 години. Ова само по себе укажува дека предмет на интерес на концесионерот е побогатата руда, што е спротивно на начелото на Законот за минерални суровини за оптимална искористеност и одржлив развој. Станува ли збор за несериозен пристап на концесионерот  во однос на неговиот бенефит, наспроти негативните последици за државата и локалното население?

Следен проблем е хидројаловиштето кое е проектирано на околу 200 милиони метри кубни и висина околу 240 м. Кое е објаснувањето на концесионерот за проектираното хидројаловиште до површинскиот коп, ако се земе во предвид влијанието на употребата на експлозив при експлоатацијата на рудата, примарната и секундарната порозност на карпестите маси како резултат на масовните минирања и хидростатиката во хидројаловиштето, поттикнато со овие антропогени дејствувања?

Против Одлуката за едностран раскин на Договорот за концесија од страна на концедентот, концесионерот поднел Тужба пред Управниот суд, при што судот одлучил во нивна корист. Врз кои параметри е одлучено во нивна корист? Дали Управниот суд не бил соодветно информиран колку време е потребно за спојување на концесиите, со цел регулирање  на Дозволата за експлоатација? За оваа дозвола е потребно Концесионерот да изготви Главен рударски проект, согласно закон да изврши ревизија на истиот, да изготви Студија за влијанието на експлоатацијата врз животната средина ( а изработката и  одобрувањето на оваа Студија е минимум од 9 до 12 месеци), како и изработка на останатата техничка документација? Ако знаеме дека сите рокови за спојувањето на концесиите се поврзани со првододелената концесија, а постапката за регулирање на Дозволата за експлоатација може да отпочне од денот кога е склучен договорот за спојување на двете концесии, сето ова е едноставно невозможна мисија.

За вторододелената концесија, концесионерот доставил повторно некомплетно Барање за издавање на Дозвола за експлоатација, но во законски утврдениот рок. Нејасно е зошто е одлучено во корист на концесионерот, без притоа надлежниот орган да направи детална анализа на постапката каде што евидентни се пропустите во постапката и најважно од сė е дека  е занемарен економскиот бенефит на државата во однос на реалните рудни резерви, поставување на хидројаловиштето во близина на населени места, загадување на подземните води и  животната средина.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.