Комисијата денес не донесе одлука за целодневен престој во училиште

Иако се очекуваше – денес нема препорака од Комисијата за заразни болести за целодневната настава. Родителите се во очекување на „зелено светло“ од здравствените власти за целодневен престој на нивните деца во училиште. Станува збор за учениците до трето одделение коишто можат да присуствуваат физички на часовите.

Зошто денес нема одлука – одговори министерот за здравство, Венко Филипче. Тој за Телма кажа дека Комисијата за заразни болести очекува дополнителни информации од други институции. Станува збор за детална статистика од Министерството за образование и наука. Стручните лица во Комисијата ги чекаат бројките од МОН околу тоа колку родители одбрале настава со физичко присуство на своите деца, за да можат да подготват протоколи и да видат дали ќе биде изводливо да се дозволи и целодневен престој.

Последна официјална информација од Комисијата за заразни болести беше дека нема да се дозволи целодневен престој, а истата ја потврди доктор Виктор Исјановски, директорот на Здравствениот дом Скопје.

Учебната година, пак, почнува за десетина дена. За стручните лица, епидемиолошката слика е основата по која што се водат и ќе се водат и во следниот период во кој се очекува есенскиот бран на новозаразени. Ако нагло порасне бројот на заразени деца, и градинките коишто веќе се отворени – повторно ќе ги затворат вратите, изјави вчера за медиумите доктор Исјановски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.