Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска расправаше за предлогот јавниот обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија, а во претпладневниот дел од седницата, членовите на собраниската Комисија не дадоа поддршка универзитетскиот професор Саво Климовски да биде избран за уставен судија, како предлог на опозицијата. Расправата за тоа дали Јовески треба да биде уставен судија ќе продолжи утре во 10 часот.
Пратениците од опозицијата истакнаа дека секогаш кога СДСМ е на власт, Јовески напредува во кариерата, како и дека никој од владејачкото мнозинство кои се предлагачи не го образложи предлогот Јовески да биде уставен судија.
– Мислам дека на овој начин демонстрираме една класична ароганција на власта, кон парламентарното малцинство во моментов, кон демократијата, и односот, генерално, кон институциите во државата. Крајно е некоректно и неприфатливо, за мене како пратеник, без разлика дали доаѓам од власта или опозицијата, да дискутираме за предлог кој што воопшто не е образложен од страна на предлагачите, рече пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Ане Лашкоска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, ова е крајниот удар кој што власта го прави на Уставниот суд.
– Во последните истражувања беше случај дека граѓаните имаат доверба во судството осум проценти, наредното истражување ќе биде нула проценти. Слободно можеме да сметаме откако ќе поминат и овие гласања, овие желби, овие извршители на Заев да станат уставни судии, може да сметаме дека во Република Македонија повеќе Уставен суд не постои, рече Лашкоска.
Нејзината сопартијка Даниела Христова, пак, изјави дека Јовески има искуство во судството, но, како што рече, со тоа има искуство и во поголем број на криминални афери и скандали. Таа рече дека овој кандидат не може да добар, непристрасен и правичен уставен судија.
– Сѐ додека Обвинителството е чуварот на криминалите на актуелната власт, нема да верувам дека Љубомир Јовески е вистинскиот човек за највисоката функција во судството. Човек кој е тотална спротивност од она што треба да биде. Човек кој е заштитник на криминалот и корупцијата во државата. Едноставно, треба да замине и од обвинителството и воопшто од судството и со своите скоро 69 години најдобро би било да ги живее мирно своите пензионерски денови, а не да биде слеп послушник на власта, рече Христова.
Изминативе денови членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер.
Комисискиот филтер не го поминаа кандидатите универзитетскиот професор Саво Климовски, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска. Досега е одбиена и кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска, која беше предложена од опозицијата.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.