2.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Компанија во сопственост на Заеви доби државна помош за исплата на работниците

ИГМ Еленица Струмица е едно од многуте претпријатија добитници на државна помош за исплата на минимални плати за време на кризата предизвикана од корона вирусот. Со акционерско друштво за индустрија за градежни материјали управува братучедот на Зоран Заев, Трајче Заев, додека Вице Заев, братот на актуелниот претседател на владејачкиот СДСМ, е Член на Управниот одбор, пишува порталот faktor.mk

Опозицијата од секогаш оваа фирма ја поврзуваше со поранешниот премиер, за што Заев и во јавноста не негираше дека компанијата е дел од заедничкиот семеен бизнис како и неколку други такви. „Отворени финансии“ покажа дека на 14 мај на сметката на ИГМ Еленица од Владата на РСМ и биле исплатени 841.000 денари државна помош за плати за месец април. Пресметано, тоа се минимални плати од 14.500 денари за 58 вработени.

ИГМ Еленица произведува високо квалитетни тули и производи од глина за изградба на домаќинства и комерцијални градби неколку децении. Главно го снабдува домашниот пазар со високо квалитетни керамички блокови и има тенденција да го проширува бизнисот на пазарите во Косово, Србија, Албанија, Бугарија и Грција.

Главната мерка од економскиот пакет на Владата во справувањето со економските последици од корона-кризата e директната помош од 14.500 денари месечно за секој вработен, за месеците април, мај и јуни од сите фирми погодени од кризата, при тоа услов е тие да имаат намален приход за најмалку 30 отсто.

Според Владата, уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор е погодна дури за 87 отсто од компаниите и ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места. Сумата што ќе ја добие секој работник, за двата месеци, април и мај, изнесува 29.000 денари, скоро 500 евра, односно по 14.500 денари месечно.

„Еленица“ во 2018 година беше компанија со најголема добивка во Струмица. Со приходи од 5,16 милиони евра оствари добивка од 2,7 милиони евра, најмногу поради продажбата на дел од уделот што туланата го имаше во светиниколксата компанија МАМ, лиценцирана за производство на масло од канабис.