Компани го врати Сити на врвот

Фудбалерите на Манчестер Сити се вратија на чело на табелата на англиското првенство со минималната 1:0 (0:0) домашна победа против Лестер Сити во последниот меч од 37-то коло од Премиер лигата.

За тринаесттата последователна првенствена победа се погрижи Винсен Компани кој во 71 минута со фантастичен удар од околу 25 метри го погоди самиот горен лев агол на немоќниот Шмајхел. Ова беше воедно и првиот првенствен гол на капитенот на Манчестер Сити сезонава.

На едно коло до крајот на првенството Манчестер Сити има 95 бодови, еден повеќе од Ливерпул и ќе ја одбрани титулата доколку како гостин во недела го победи 17-от Брајтон енд Хоув Албион. Ливерпул, пак, во последното коло на својот „Енфилд“ мора да го совлада седмиот Вулверхемптон и да се надева на неуспех на Сити за да дојде до 19-та титула, но прва по 1990 година.

Манчестер Сити досега пет пати беше првак на Англија, но никогаш не успеал во историјата да ја одбрани титулата.