Компании од Абу Даби заинтересирани да инвестираат во Македонија

Бизнисмените од Стопанско-индустриската комора на Абу Даби сметаат дека Македонија е потенцијална дестинација за инвестиции и нуди многу поволности.

На денешната средба на премиерот Никола Груевски и македонската владина делегација со раководството и управниот менаџмент на Стопанско индустриската комора на Абу Даби е нагласена и можноста за извоз на македонски домашни компании во Обединетите Арапски Емирати, пренесува МИА.

При посетата на Комората се претставени можностите за инвестирање во Македонија, поволностите и мерките кои им стојат на располагање на потенцијалните инвеститори, како и сферите и областите каде може да се реализираат.

Премиерот Груевски истакна дека во насока на обезбедување поволна бизнис клима се направени многубројни реформи и се преземени конкретни чекори со кои се олеснува водењето бизнис.

Груевски укажал дека соработувајќи со стопанските комори и приватните компании, се елиминирани илјадници бирократски процедури за водење бизнис, се воведе електронски систем за плаќање даноци и добивање царински дозволи, а преку едношалтерскиот систем на Централниот регистар фирма во Македонија може да се регистрира по електронски пат за само четири часа од која било земја во светот. – Ако пред 10 години, на еден македонски претприемач му беа потребни 48 дена за почнување нов бизнис, денес тој процес може да биде завршен за само два дена, истакна Груевски.

Македонија, нагласи премиерот Груевски, е земја со најниски трошоци за правење бизнис во Европа, при што се воведени најниски даноци, рамен и низок данок, персонален данок и данок на добивка кој изнесува 10 проценти, а компаниите кои ја реинвестираат добивката имаат нула проценти. Во таа насока се намали и ДДВ-то за повеќе сектори од 18 на 5 проценти. За инвеститорите, како што посочи Груевски, е важен фактот што Македонија може да биде порта за влез на европските пазари, за што има договор за слободна трговија со сите земји во Европа, плус Турција и Украина, со што се надминува хендикепот на мал пазар и се обезбедува пазар од 650 милиони потрошувачи.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски истакна дека посетата и средбите се добра можност за презентирање на можностите за инвестирање, како и за извоз на нашите домашни компании во Обединетите Арапски Емирати.

– Се искористи можноста да се остварат и  десетина билатерални средби со компании. Некои од овие компании веќе ја имаат посетено Македонија, дел од нив најавија дека ќе ја посетат  во најскоро можен период, така што очекуваме во иднина ова да донесе и определени позитивни резултати  при што се разбира ќе работиме сериозно  да извлечеме максимален потенцијал  од оваа средба, изјави Пешевски.

Генералниот директор на Стопанско-индустриската комора, Мухамед Ал Мухари истакна дека овој вид посета помага на членките на Комората да ги откријат можностите за водење на бизнис во Македонија.

– Односите меѓу двете земји се многу добри и треба дополнително да ги унапредиме преку правење уште повеќе инвестиции меѓу двете држави. Денес имаме неколку наши членки подготвени да инвестираат во Македонија, тие истражуваат вакви можности и се надеваме дека многу скоро ќе инвестираат во Македонија, изјави генералниот директор на комората Мухамед Ал Мухари.

Стопанственикот и претставник на бизнис заедницата Јален Ал Сари изрази позитивна оценка за Македонија и кажа дека сериозно ја разгледуваат државата како потенцијална дестинација за инвестирање.

– Има многу добри предности кои што македонскиот систем ги нуди за инвеститорите, како што се субвенции во повеќе сфери, даночните олеснувања и ниските даночни стапки. Исто така, добра е работоспособноста и високото ниво на вештина на работната сила која што се нуди, во смисла на инженери и техничари. Ние сме од автомобилската индустрија, од сферата на производството на компоненти за автомобилите и автобусите и откривме дека Македонија е добро место за влез на европскиот пазар. Дознавме значајни предности кои се нудат за компаниите и поддршката која ја дава Владата е сето она што му е потребно на секој инвеститор, изјави Ал Сари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.