Компаниите од САД доминираат на листата 100 водечки произведувачи на оружје во светот

Американските компании генерирале минатата 2018 година повеќе од половината од глобалните приходи од продажбата на воена опрема и услуги во групата 100 водечки производители во светот, извести во понеделникот Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI).

Вкупните приходи од продажбата на оружјето во 2018 година изнесувале 420 милијарди американски долари. Тоа е 4,6 отсто повеќе отколку во текот на претходната 2017 година, соопшти споменатиот шведски институт.

Меѓу 100-те најголеми производители и извозници се наоѓаат 43 американски компании, чиишто приходи сочинувале 59 отсто до вкупниот износ, достигнувајќи 246 милијарди долари. Во однос на 2017 година, тоа е пораст од 7,2 отсто, што во SIPRI го припишуваат на продолжените засилени набавки од министерството за одбрана на САД.

Меѓу трендовите коишто ја одбележале минатата година, во SIPRI ја издвојуваат и консолидацијата меѓу големите произведувачи на оружје во САД.

„Големите американски компании се спојуваат за да можат да ја произведат новата генерација одбранбени системи и така да бидат во подобра позиција за да обезбедат порачки од американската влада“, изјави директорката на програмата на SIPRI за оружје и воена потрошувачка, Ауде Флеурант.

На листата од 100-те најголеми производители и испорачувачи на оружје, се наоѓаат и 10 руски компании со удел во вкупната продажба од речиси 9 отсто, што е помалку во однос на претходната 2017 година. Највисоката позиција на оваа листа, односно деветтото место, меѓу руските компании ја заземала „Алмаз-Антеј“, произведувач на системот за противвоздушна одбрана „С-400“, со приходи од 9,6 милијарди долари.

Европскиот произведувачи, вкупно 27, оствариле вкупни приходи од 102 милијарди долари, со што нивниот пласман на табелата од 100-те најголеми останал непроменет во однос на претходната година.

Во западна Европа британските произведувачи на оружје ја задржале позицијата на водечки производители со приходи од 35,1 милијарди долари, што претставува пад од пет отсто во однос на истиот периот претходната 2017 година.

Шест француски компании заедно оствариле приходи од 23,2 милијарди долари. Четирите водечки германски производители на оружје, пак, забележале пад на приходите од четири отсто.

„Поголемите испораки на воени возила на ‘Rheinmetall’, најголемиот произведувач на оружје со седиште во Германија, го неутрализирал падот на продажбата на бродоградежничката компанија ‘ThyssenKrupp’“, толкува вишиот истражувач на SIPRI за оружје и воена потрошувачка, Питер Веземан.

Кинеските компании не се вброени во оваа листа поради недостиг од податоци. Во SIPRI проценуваат дека меѓу водечките би можеле да се пласираат три кинески компании.

Меѓу 20-те водечки произведувачи на оружје со седише надвор од САД, Европа и Русија, шест се со седиште во Јапонија, по три во Израел, Индија и Јужна Кореја.

Првото место на табелата од 100-те најголеми производители и испорачувачи на оружје повторно го зазема американскиот „Lockheed Martin“ со приходи од 47,2 милијарди долари и удел во вкупните приходи од 11 отсто. Американските компании ги заземаат петте водечки места на листата, а меѓу нив се уште „Boeing“, „Northrop Grumman“, „Raytheon“ и „General Dynamics“.

Институтот SIPRI шведскиот парламент го основаше во 1966 година за да ја следи воената потрошувачка и трансферот на оружје.