Компаниите ослободени од данок на личен доход и данок на добивка за март, април и мај

Државата ги ослободува компаниите од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход, како и аконтациите на данокот на добивка за март, април и мај оваа година, информираше директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на денешната прес-конференција.

Двете ослободувања како мерки се донесени со владина уредба со законска сила во време на вонредна состојба поради корона-кризата.

Ослободувањето се однесува на правните лица кои вршат угостителска дејност, туризам или транспорт, како и други обврзници кои имаат претрпено штети поради спроведувањето на мерките за заштита од коронавирусот.

„Да не исплатуваат дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност или друг вид годишна награда на вработените или на органите на управување или надзор на даночниот обврзник од денот на стапување на сила на уредбата со законска сила до денот на траењето на ослободувањето, односно 15 јуни 2020 г. Исто така, да не го намалат бројот на вработени сметано до 26 март до три месеци по престанувањето на нејзината важност освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените“, посочи Лукаревска.

Даночните обврзници за искористување на ова право потребно е електронски да поднесат барање преку системот е-даноци на УЈП. Барањата автоматски се обработуваат, а обврзникот добива повратна порака како одговор на барањето.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.