Компаниите се жалат, а Ковачевски: Не постои застој, ниту селективност при склучувањето на договорите меѓу компаниите и ЕСМ за поевтина струја

Не постои застој, ниту селективност за договорите меѓу ЕСМ и компаниите кои аплицираа за поевтина струја од 1 декември , истакна денеска од Штип, претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за реакциите на компаниите кои аплицирале, а се уште не ги склучиле договорите.

-Имавме прес-конференција во четвртокот на која објавивме колку компании веќе имаат склучено договори, а на сите други што не успеале да ја комплетираат документацијата, бидејќи таа веднаш се обработува, а со оглед на тоа дека електронски ја доставуваат, а потоа заради брзината ја доставуваат во писмена форма ќе можат тоа да го направат веќе за следниот месец, така што не постои никаков застој, не постои никаква селективност, туку напротив, постои интерес од страна на државата компаниите коишто се дел од производството на основни прехранбени производи, училиштата – основните, средните да што побрзо се приклучат на овој пазар со оглед на тоа дека таму цените се дупло поевтини и повеќе од дупло поевтини од берзанските цени и тоа ќе овозможи прво, намалување на цените на прехранбените производи и второ непречено одвивање на образовниот процес, а секако и на здравствениот процес бидејќи и тие компании се презедоа од ЕСМ продажба – вели Ковачевски.

Премиерот посочи дека многу транспарентно ги објавуваат сите податоци коишто се однесуваат на енергијата, бидејќи како што вели, тоа е прашање што најмногу ги засега и граѓаните и компаниите.

-Затоа секојдневно Владата објавува податоци и во однос на производството на електрична енергија, во однос на увозот на електрична енергија и од страна на сите капацитети коишто се во државна сопственост – вели Ковачевски.

Прашан на што се должи оптимизмот за 2023 година, Ковачевски со одговор дека ако се погледнат сите економски политики коишто државата ги прави, за само 10 месеци од мандатот на неговата Влада има зголемување на минималната плата на 18 илјади денари, зголемување на пензиите за 10 проценти досега и со новото зголемување што ќе следува во март идната година уште шест проценти и тоа, како што вели, ќе биде најголемо историско зголемување на пензиите за 16 проценти како што досега никогаш се нема случено.

-Истото ќе биде и со минималната плата која заради методологијата која што ја воведовме во март оваа година низ разговор со синдикатите ќе има зголемување. Просечната плата гледате дека за прв пат се искачи на над 32 илјади денари. Јас секоја недела сум на отворање на нови производствени капацитети , особено во ТИРЗ зоните. Само еден податок ќе ви дадам дека за овие 10 месеци во ТИРЗ зоните се отворени 2.000 работни места, а за 11 години на власта на ВМРО-ДПМНЕ се отворени шест илјади работни места и така можете да ја видите споредбата – вели Ковачевски.

Тој нагласи дека кога се однесува за производство на енергија, во државата се случува енергетска трансформација. Веќе, како што рече, се пуштени во употреба 27 мегавати на фотоволтаични централи.

-За споредба, за 11 години беа пуштени 16 мегавати, сега за 10 месеци 27 мегавати. Следува пуштање на 130 мегавати коишто се веќе договорени на негативна аукција коишто беа направени во текот на изминатиот период и веќе ќе бидат пуштени и инсталирани во наредните две години. На старите наоѓалишта на рудникот во Осломеј веќе е изградена 10-мегаватна централа, а се подготвуваат и нови 100 мегавати веќе договорени преку ЈПП од страна на ЕСМ. Сите можевте да видите доколку доаѓавте од Скопје во Светиниколско веќе се монтираат ветерните турбини со моќност од 25 мегавати и само би сакал да заокружам дека иднината на нашата држава е како полноправна членка на ЕУ со нови производствени капацитети, со добро платени работни места и како центар на зелена енергија која што ќе произведува електрична енергија од обновливи извори на енергија и со тоа ќе го снабдува не само нашиот пазар, туку и регионот – рече Ковачевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.