Компаниите во ивент секторот пред колапс, бараат помош од Владата

Компаниите од индустријата за организација на настани денеска протестираат пред Владата со барање да се најде решение за состојбата на овој сектор којшто поради пандемијата и ограничувањата за работа бележи пад од 62 проценти.

Од Асоцијација на компании од индустријата за организации на настани ИВАП велат дека тоа што Владата деновиве го претставува како помош, ниту е помош ниту е планирано да бидат опфатени сите засегнати компании.

„Според официјалната статистика на Централниот регистар, нашиот сектор има пад на промет од 62 отсто за 2020 година и тоа е можеби највисокиот пад споредено со другите индустрии. Нашите компании се пред колапс“, истакнаа од Асоцијацијата ИВАП.

Оттаму најавија дека протестите ќе се одвиваат во континуитет, секој ден од 12:00 до 15:00 часот, сé до постигнување, како што велат, взаемно прифатливо и одржливо решение.