Компаниите во ТИРЗ имале поголем извоз 30 отсто во првиот квартал годинава

Во технолошко индустриските зони е регистрирана највисока економска активност во прв квартал во последните четири години и во однос на извозот и во однос на увозот, покажа редовната месечна анализа на ТИРЗ.

„Во првиот квартал од 2021 година, извозната активност во индустриските зони под надлежност на Владата достигна износ од 776 милиони евра што е за 30% повеќе од истиот период во 2020 година. Во однос на 2018 година порастот е над 41%. И на месечно ниво, извозната активност во март 2021 е највисока во изминатите 4 години и достигна ниво од 260 милиони евра, што е за 67 милиони повеќе од истиот месец во 2020.  Компаниите активни во зоните и понатаму се носители извозот во земјата со над 48% учество во вкупниот извоз што е највисок процент до сега“, соопшти ТИРЗ.

И во однос на увозот е регистрирано највисоко ниво досега во однос на споредбата по квартали во изминативе четири години.

„Увозот во првиот квартал од годинава достигна 736 милиони евра и е за 34% повисок од првиот квартал лани, а дури за 50% повисок споредено со првиот квартал во 2018 година. Во зоните во март исто така е регистрирано највисоко ниво на учество во севкупниот увоз досега – 36%. Исто така, месечниот увоз во ТИРЗ во 2021 година го надминува месечниот увоз за ист период во изминатите четири години и е на ниво од 243 милиони евра, односно 87 милиони повеќе од истиот месец лани„, се додава во соопштението од ТИРЗ.

Трендот на раст на увозот е поврзан и со зголемената инвестициска активност во зоните. Само во првиот квартал од годинава се потпишани договори со три компании чиј вкупни инвестиции се очекува да достигнат 50 милиони евра. Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, неодамна најави и нови странски инвестиции.

– Изминативе 5 месеци успеавме да поттикнеме инвестициски проекти кај 15 компании кои вкупно тежат околу 250 милиони евра и кои предвидуваат отворање на дополнителни 5.500 нови работни места. Едната е инвестиција во 9 цифри, односно повеќе од 100 милиони евра. Со овие компании разговараме во моментов и можам да кажам дека добар дел од нив веќе се во фаза во која подготвуваме одредени симулации за тоа што компанијата може да очекува како поддршка од државата што е чекор пред склучување на договор – изјави Деспотовски.

Редовната месечна анализа на Дирекцијата за ТИРЗ за март покажува продолжување на позитивниот тренд и во однос на покриеноста на увозот со извозот.

Анализата покажува дека и во првиот квартал од годинава бројот на вработени во зоните останува стабилен. Во овие компании работат околу 14.000 лица, а во дел од нив веќе има постапки за отворање нови работни места.

– И во услови на кризата предизвикана од ковид-19 бројот на вработени останува стабилен, а кај дел од компаниите континуирано расте. Дури 60% од компаниите имаат зголемен број на вработени. Покрај 14.000 наши сограѓани кои работат во зоните, само актуелните инвеститори, без оние со кои сега разговараме се обврзани да отворат уште дополнителни 7.500 работни места во следните неколку години. Наша цел е со посебни мерки да го забрзаме овој процес – вели Деспотовски.

Инаку, во 2020 година регистриран е раст на просечната бруто плата од 5,5% и просечната нето плата од 2%, при стабилен број на работни места.