Некогашните блиски соработници Зијадин Села и Арбен Таравари, кои преку ноќ станаа лути противници, што предизвика раскол во Алијанса за Албанците, имале тет-а-тет средба после внатрепартиските превирања, на која разговарале за поделба на дел од партискиот имот, објави „Фокус“
Повикувајќи се на високи партиски извори, порталот пишува дека двајцата се договориле Села да ги задржи партиските возила и средствата на сметка, додека дошло до поделба на штабовите, така што партискиот штаб во Скопје му припаднал на Села, а штабот во Тетово на Таравари.
Она за што немало договор е кому да ми припадне партискиот печат и бренд, што ќе зависи од правната разврска која веќе е покрената во тетовскиот суд, откако двете страни одржаа паралелни седници на Централното собрание и на Конгресот, тврдејќи дека го имаат легитимитетот и легалитетот.
Како што е познато, партијата се подели откако лидерот Таравари одлучи преку фејсбук да соопшти дека по низата средби што ги имал со претставници на политичките партии и дипломатската заедница, одлучил да и се придружи на албанската опозиција, бидејќи, порача тој, граѓаните сакале промена.
Во однос на тоа, реагираше неговиот претходник Села, кој истакна дека партијата имала формална одлука за самостоен изборен настап, но Таравари не ја испочитувал оваа одлука и без никаква консултација со партиските врв и органите решил на своја рака да соопшти лична одлука преку социјалните мрежи.