Кому мачкате очи со борба против криминал премиере Заев, кога Русковска ви е на годишен одмор

Видео пораката на Зоран Заев објавена вчера, а во која тој ги охрабрува и повикува на бескомпромисна борба против криминалот правосудните органи во Македонија, е ништо повеќе од еден многу лошо сработен Пи-Ар. Ама стварно многу лошо сработен. Очигледно таа негова служба за односи со јавност и тие негови советници за односи со јавноста не ги бива ама баш за ништо. Џабе високи плати зимаат од народни пари. Си смислиле глупава лага, и мислат дека ние обичните луѓе паднати сме од Марс!? Чекаме тие да ни кажат и ние да веруваме?

Па, немој бре до толку да не’ сметате за малоумни. Која бре борба против криминал, кога Вилма Русковска веќе неколку денови е на годишен одмор. Кого тоа вие, на чело со тој ваш премиер, фарбате? Кому мислите дека очи ќе му мачкате? Поглуп од овој потег ви е само она тврдењето дека видео снимката од илинденската прослава во Крушево, на која вашите слепи партиски послушници, се дерат „Северна, Северна“, е монтажа. Монтажа уствари ви беше целата свеченост – и тоа сендвич монтажа. А, покрај сендвичот, гратис капче и маичка. У пакет за сите партиски слепци однесени таму со автобуси. Што би рекол вашиов претседател – ко стока натоварени. Па, сиротите не знаеа пред камера ниту збор да кажат за Илинден, па викаа за среќа, здравје… Боже помогни им. Да, Илинден е верски празник, но во Крушево друго се одбележува со свеченост. А, што е тоа? Е богами седнете малку посветете си внимание за своја надградба во знаењето и прочитајте. Едуцирајте се за својата татковина и зошто се слави 2-ри август.

Е, тогаш и вие нема да му поверувате на лидерот ви кога ќе искочи на екран и ќе каже дека „ова е време во кое правдата стапува на сцена, време во кое не смее да има штедење во борбата против криминалот и корупцијата. Никој не е привилегиран и никој нема да биде амнестиран. Го охрабруваме Јавното обвинителство да продолжи во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата“.

Чуда може да се случат во истрагите, поточно во истрагата за „Рекет“, додека обвинителката Русковска се врати од својот „заслужен“ годишен одмор. Море чуда се случија и додека таа не беше на одмор. Како она со телефонот и компјутерот на сега веќе неславната СЈО, Катица Јанева, која исто така моментно е на одмор. Од боледувањето, де. Одмара. Сешто може да направат потенцијално осомничените и инволвираните, за да ги запретаат трагите на своите криминали. Имаат време. Русковска е на годишен одмор. Не работи.

Ама ќе дојде денот, кога ќе мора и Јанева и Русковска, но и многу други сегашни функционери во Македонија да застанат пред лицето на правдата. Тоа го знаеме сите. Сите ние кои мислите дека не’ „возите“ со вашите глупави Пи-Ар лаги и ефтини приказни. А, тоа чекање нема воопшто да биде долго.

Автор: Дејан Николовски