Комуналците собраа 5 кубни метри ѓубре од под Камениот мост

Изминатите денови по налог на Град Скопје, екипите на јавните претпријатија Комунална хигиена, Улици и патишта и Бригадата на противпожарна заштита на Град Скопје во заедничка акција целосно го исчистија Камениот мост, соопштија од Градот.

На екипите од ЈП им помагаа и пожарникари кои ги чистеа непристапните делови на мостот.

„Се пристапи кон целосно чистење на диво изникнатата вегетација на самите столбови на Камениот мост и целосно беа отстранети отпадоците што несовесните граѓани ги фрлаат во испакнатите делови на столбовите. Во текот на акцијата, екипите собраа пет кубни метри отпад, односно пластични шишиња, лименки, вегетација и друг вид на отпадоци“, соопштија од Град Скопје.
Пожарникарите на терен користеа јажиња, скали и други помагала за да ја завршат успешно заедничката акција за темелно чистење на Камениот мост, кој како национално културно наследство е еден од најзначајните знаменитости на градот Скопје.

Градот Скопје продолжува со спроведување акции за чистење и отстранување на отпадот во сите населени места, како и објектите од јавен интерес за почиста животна средина за сите граѓани.