Кон предупреди дека Србија не е далеку од катастрофална епидемиолошка ситуација

Србија не е толку далеку од катастрофална епидемиолошка ситуација, предупреди во вторникот вечерта членот на кризниот штаб на српската влада, епидемиологот Предраг Кон, откако беше надмината досегашната рекордна бројка од новозаразени на дневно ниво.

„Тоа е ситуација во којашто луѓето повеќе нема каде да се лекуваат. Мораме да го сопреме вирусот, а доколку не го сопреме ние него, тогаш тој ќе нѐ сопре нас“, рече Кон во емисијата „Велградска хроника“ на Радио-телевизија Србија (РТС), во денот кога Србија пријави 2.823 случаи на зараза со коронавирусот, што е нов дневен рекорд од почетокот на епидемијата на 6-ти  март.

Некои српски медициски кругови проценуваат дека лица со коронаинфекции има значително повеќе од службено регистрираната бројка. Истражувањата работени во некои западноевропски земји кои покажале дека бројот на заразените е за 10 до 20 пати повисок од онаа бројка којашто службено се потврдува, предупреди и Кон, доведувавајќи ја во врска оваа статистика со епидемиолошката ситуација во Србија.

„Според таа аналогија, доколу имате 1.000 во просек заразени на ден, тогаш дневно имате околу 10.000 до 20.000 оние кои се заразени, а тоа ниту го знаат. Мора да се каже дека тие полека престануваат да бидат заразни по седум до десет дена, послед 14 дена секако“, појасни Кон.

„Наместо да му се спротиставиме на вирусот, ние им се спротиставуваме на мерките“, коментираше Кон и апелираше да се избегнуваат прослави и собири, како и граѓаните да носат маски, чувајќи го така и сопственото и туѓото здравје.

Вонредната состојба во Србија поради коронавирусот во текот на првиот бран беше прогласена на 15-ти март, кога, според официјалните податоци имало 46 заразани и 23 пациенти на болничко лекување, а само еден од нив бил на респиратор.

Според податоците на итнернет страницата covid19.rs на српското министерство за здравство, пикот на првиот бран според бројот на новозаразените бил на 16-ти април со 445 случаи на дневно ниво, а во вториот бран на 26-ти јули со 467 новозаразени, додека дневниот рекорд од почетокот на епидемијата се денешните 2.823 случаи на коронаинфекции.

Најмногу пациенти на болничко лекување во првиот бран на коронавирусот биле пријавни на 19-ти април – 3.900, а во втортиот бран на 15-ти јули – 4.858, а денеска ги има 2.764 пациенти.

Во Србија на одделите за интензивна нега и на респиратори во првиот налет на коронавирусот, односно најмногу најтешки пациенти на дневно ниво имало на 12-ти април – 146, а во вториот бран на 22-ти јули ги имало 205, а во вторникот се пријавени 126 вакви пациенти.

На денот кога српската Скупштина (парламентот) го усвои предлогот за укинување на вонредната состојба, на 6-ти мај, пред почетокот на кампањата за парламентарните избори кои се одржаа на 21-ви јуни, биле регистрирани 114 новозаразени со коронавирусот и 1.750 пациенти на болничко лекување, од кои 48 на респиратори.

Србија од почетокот на епидемијата на 6-ти март тестирала 1.442.642 примероци, од кои 13.091 во последните 24 часа, а вкупно досега со нив се потврдени 66.888 случаи на заразата. Со денешниот ден регистрирани се 915 починати од последици на компликациите кои ги предизвикува заразата со коронавирусот, а смртноста во вторникот е на нивото од 1,37 отсто.