Контактите на американски Индијанци и Полинезијците постоеле уште во 1200-та

Американските Индијанци и Полинезијците, иако меѓусебно оддалечени со големо океанско пространство, имале контакти уште во 1200 година и оставиле несоборливи докази од таа средба во ДНК-та на денешното население, се заклучува во студијата објавена во средата во научното списание Nature.

Истражувачите сѐ уште не можат да кажат дали народите од денешна Колумбија и Еквадор дошле на островчињата во средиштето на Тихиот Океан или, пак, полинезиските морепловци дошле во Јужна Америка. Но едно е сигурно според ова истражување, американските Индијанци и Полинезијците се вкрстувале стотици години пред доаѓањето на Европејците во оваа област, во прв ред во денешна Француска Полинезија.

„Ова откритие го менува нашето сфаќање за едно од најпознатите поглавја во населувањето на континентите“, вели за AFP Андреас Морено-Естрада, истржувач во државната геномичка лабораторија за биоразличност во Мексико.

Археолозите и историчарите со децении дебатираат за можните контакти на населението од Океанија со Индијанците, како и за тоа доколку ги имало, од каква природа биле.

Во 1947 година норвешкиот писател и истражувач Тор Хејердал го направил легендарниот сплав Кон-Тики, кого го нарекол по богот на Инките и на него се упатил од Перу, од каде што струјата го носелА 101 ден на патот долг 7.000 километри, по што се насукал на архипелагот Туамото, во денешна Француска Полинезија. Хејердал заклучил дека жителите на Перу дошле на оддалечените острови во Пацификот и со оваа легендарна експедиција сакал да докаже дека тоа било можно.

„Меѓутоа, поверојатно е дека Полинезијците дошле во Америка, имајќи ги предвид нивните вештини во морепловството и докажаната способност да патуваат по океаните со илјадници километри“, вели Александер Јоанидис, истражувач од Универзитетот Стенфорд.

Во потрагата по повеќе сознанија, истражувачите собирале генетски податоци од петнаесет групи Индијанци на брегот на Тихиот Океан во Јужна и во Централна Америка, како и на седумнаесет полинезиски острови, или вкупно повеќе од 800 луѓе.

„Баравме долги секвенци од ДНК со ист код“, вели Јоанидис.

Очигледно е дека домородечките групи во Колумбија и Еквадор се вкрстувале со домородците во Полинезија, што го потврдуваат и вообичаените статистички методи и новите методи на „големите податоци“ (big data).

Благодарејќи на генетскиот материјал, утврдено е дека првите вкрстувања досегаат околу 1200 година, кога Кина ја освојувал Џингис-кан а крстоносците го заземале Цариград.

Сѐ досега батат беше најочигледниот доказ на културната размена меѓу Поленезијците и Индијаците. Иако по потекло од Америка, тој се среќава и на пацифичките острови многу пред доаѓањето на Европејците, а неговото име во многу полинезиски јазици потсетува на името кои му го двале некои народи во Јужна Америка.