Музичката програма на „Охридско лето“ за вечерва предвидува концерт на уметниците Зак Тарпагос на флејта во пијано придружба на Валерија Харитиду.
Зак Тарпагос е постојан флејтист на Грчката национална опера во Атина, а неговите солистички настапи го водат во најпрестижните концертни сали во светот како салата „Чајковски“ во Москва, Симфони хол во Бостон, салата „Квин Елизабет Хол“ во Лондон, салите во Атина, Солун, Токио, салата на фондацијата Оназис и многу други. Како еден од членовите на составот „Армониа атенеа“ и „Камерата мјузик“ има остварено снимки за Дојче грамофон и Дека Класикс свирејќи на барокна и класична флејта, а со овие ансамбли настапува на светски познатите фестивали во Лондон (Би Би Си Промс), Бајројт и Салцбург. Како камерен музичар често настапува надвор од Грција, и низ светот, а гостувал и во „Сантори хол“ во Токио. Музичките критичари неговите изведби ги оценуваат како „прекрасно деликатни“… „со неверојатно чист тон“. Зак е голем поборник за стабилно музичко образование на деца кои живеат во екстремни услови на сиромаштија, социјална дикриминација или било каква неповолна средина во Грција и надвор од неа, надевајќи се на подобрување на нивните животи преку музика, образование и дружење.
Родена во Грузија, Валерија Харитиду учи пијано со Инеса Човребашвили и ги завршува студиите во Експерименталната школа за музика во Тбилиси. Продолжува да студира на Националниот конзерваториум во Солун, во класата на Викторија Вкторату каде со највисоки оценки дипломира во 2007 година. Учи и во Леувен, Белгија во класата на Јооп Целис, а посетува мајсторски курсеви кај Дора Бакопулу, Бернард Рингаисен, Ана Куликова и Џорџ Емануел Лазаридис.
Настапува со сите значајни оркестри во Солун, со Медитеранскиот симфониски оркестар, со Симфонискиот оркестар на Елче, а активна е и со изведба на рецитали и како камерен уметник со настапи во Грузија, Грција и Кипар. Освојува награди на неколку натпревари во Грција, а постојано е барана да настапува како пијано придружник на разни вокални ансамбли, солисти и др. Неодамна, Валерија Харитиду е избрана за професор по пијано на Општинскиот Конзерваториум во Солун, и за корепетитор на Држвниот конзерваториум во истиот град.
Концертот на уметниците од Грција е предвиден за катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот.