Концерт на пијанистот Кристијан Каровски во Филхармонија

Пијанистот Кристијан Каровски вечер ќе одржи концерт во големата сала на Филхармонија. Концертот е насловен „Магијата на Шопен“ и ќе бидат изведени дела од големиот романтичар и пијанист – Фредерик Шопен.

Кристијан Каровски е роден во Скопје, во семејство на музичари-пијанисти. Уште од најмала возраст доаѓа до израз неговиот голем и невообичаен талент за музика. Како особено талентирано дете, своето музичко образование го започнува во класата на проф.Људмила Романова, а го заокружува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф.Борис Романов, каде дипломира и магистрира со највисоки оценки и почест „Cum laude“. Неговата концертна дејност започнува на деветгодишна возраст со изведба на сериозни дела од литературата за пијано. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари.

Во повеќегодишната педагошка дејност Каровски се афирмира како истакнат пијано педагог. Неговите студенти покажуваат извонредни резултати на државни и меѓународни натпревари, на кои се лауреати и освојувачи на награди. Паралелно со педагошката дејност, Каровски одржува солистички концерти за кои е карактеристично што секој од нив има нова програма.

Во моментов е вонреден професор на катедрата по пијано на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.