Концерт на „Танец“ во рамки на годинашното издание на „Охридско лето“

Десеттиот ден од програмата на фестивалот „Охридско лето“ е резервиран за целовечерен концерт на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, што ќе се одржи на големата сцена на Античкиот театар.

Концертот е во рамки на одбележувањето на 65-годишнината од основањето на ансамблот, во мај 1949 година.

Директорот на „Танец“ Зоран Џорлев, за концертот на Антички најави дека ќе биде програмски конципиран да го прикаже развојот на ансамблот низ времето, со атрактивни кореографии, но и потсетување на некои од поставките од неговото богато минато.

Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ е симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура. Институцијата претставува културен амбасадор, достоен презентер на богатата македонска традиција во земјата и во светот.

Првото претставување на ансамблот надвор од границите на Македонија (тогашна Југославија), се случи во 1950 година во Англија, поточно, на „Интернационалниот фестивал“ во Велс. Со изведбата на „Тешкото“, членовите на „Танец“ го освојуваат жирито и стануваат првиот ансамбл во историјата кој ги добива сите можни поени и највисоката награда.

Ансамблот има добиено бројни награди и признанија („11 Октомври“, „Климент Охридски“, „13 Ноември“, Орден на заслуги доделен од Претседателот на Република Македонија).

Досега „Танец“ има одржано над 5.500 концерти низ целиот свет. Неговиот репертоар го сочинуваат игри и песни од сите делови на Македонија, оригинални и игри и песни преработени во духот на богатото народно фолклорно творештво.

МИА