Концерт во чест на Никола Бадев се одржа во Кавадарци

Во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци синоќа се одржаа концерт и свечена академија во чест на истакнатиот пејач на македонски народни песни Никола Бадев. Организатор на настанот беше Здружението на пензионери, во чиј состав делува и пејачката група, што го носи името на овој пејач.

– Ние групата „Никола Бадев”, гордо го носиме името на еден од најистакнатите македонски пејачи, рече Маријана Пешиќ, новинар иводител на настанот, член на групата.

Претседателот на Здружението на пензионери, Бранко Шемов појасни дека на овој начин се одбележуваат 104 години од раѓањето на Бадев, бард и доајен на македонската изворна народна песна.

Директорот на Музеј галерија Кавадарци, Томе Крстевски нагласи дека иако од 1976 година физички веќе не е меѓу нас, Никола Бадев живее преку песната, живее во сеќавањата на неговите современици, живее во срцата на сите љубители на македонската народна песна.

– На 26 октомври 2018 година кога се навршија 100 години од раѓањето на Никола Бадев, во Музејот на мирис и вкус беше свечено отворена спомен соба посветена на овој великан, потсети Крстевски.

Пред присутните се обратија и ќерките на Бадев, Роска и Сузана. Тие рекоа дека се почестени од еден ваков концерт.