Концертите да се одложат ако не се почитуваат препораките, бара кризниот штаб во Охрид

Во пресрет на Илинденските празници и деновите потоа, кога Охрид се очекува да врие од туристи, а најавени се и бројни концерти, локалните власти и кризниот штаб бараат организаторите да не ги  одржуваат ваквите настани, доколку немаат капацитети за почитување и спроведување на протоколите за начинот и условите за организација  кои го донесе Владата. Картите за овие концерти веќе се пуштени во продажба.

„Кризниот штаб упати апел односно  препорака и до сите сопственици на локации на кои се закажани овие настани, да не ги изнајмуваат локациите за организација на настани од масовен тип, доколку не постојат услови за почитување на одредбите од овој протокол. Мое лично мислење е дека не треба да има концерти“, рече Константин Ѓеорѓиески- градоначалник на Охрид.

Организаторите на фестивалот Охридско лето, кој почнува на 4 август најавуваат строги мерки и намалено присуство на публика на сите настани. На отворањето наместо 1700 на Антички театар ќе има само 400 гледачи. Секој ќе мора да носи маски, а ќе се мери и температура на секој посетител на влезот.

„Реализацијата на фестивалските вечери ќе биде по строго утврдените протоколи и мерки дадени од Комисијата за заразни болести и насоките на Министерството за култура. Тоа значи едно поинакво издание во организациска смисла, но по квалитетот на изведувачите на ниво на богатата фестивалска историја“, рече Наташа Поповиќ-директор на Охридско лето.

Програмата поради ситуацијата неколку пати била променетa. Сите настани ќе се одржуваат на отворените сцени, a фестивалот ќе се отвори со концерт посветен на оперската примадона, Ана Липша Тофовиќ, која пред 60 години прва настапи на фестивалот. Ќе настапат домашни уметници но и од САД, Шпанија, Турција, Албанија и Косово, Русија, Италија, Франција, Германија и други.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.