Концертот на Нацоски „Везилка“ со македонски композиции и стихови

Во Националната опера и балет, на 9 декември, со почеток од 20 часот светски познатиот македонски тенор Благој Нацоски ќе одржи концерт насловен „Везилка“. Нацоски ќе биде придружуван од оркестарот „Профундис“, а диригент на концертот ќе биде Ѓурѓица Дашиќ.

На програмата се македонските композитори Живко Фирфов со „Ленка“, Томислав Зографски со „Марика мома убава“ – омаж за П. И. Чајковски, Стојан Стојков со „Свита“ за гудачки оркестар, Тодор Скаловски со „Молитва“, Благој Цанев со „Цветови“, Александар Џамбазов со „Денови“, Гоце Коларовски со „Распеви“ за гудачки оркестар, Трајко Прокопиев со „Галебе мој“, како и Дино Имери со „Сон“ напишана специјално за Благој Нацоски. Повеќето композиции се проткаени со стихови на македонските писатели Блаже Конески, Кочо Рацин, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Владо Малески.

Претходно, од 19 часот ќе биде отворена и изложба на акварелни портрети од живи македонски композитори. На изложбата, исто така насловена како „Везилка“,  Снежана Мелник, уметник од Украина, ги претставува ликовите на оние кои ја пишуваат македонската музичка историја во моментов.

Настанот е во рамки на 43. Денови на македонска музика, организиран од Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ и согласно здравствените протоколи за заштита од ковид-19. Влезот е слободен.