Конечено заврши битката на Led Zeppelin за „Stairway to Heaven“

На судот не мина последниот обид да се оспори сопственоста на легендарниот рок-бенд Led Zeppelin над безвременскиот хит „Stairway to Heaven“.

Британската група во понеделникот и официјално ја доби правната битка којашто траеше шест години, откако американскиот бенд The Spirit ги обвини дека со планетарниот хит „Stairway to Heaven“ ја плагирале нивната песна „Taurus“,

Американскиот Врховен суд одбил воопшто да го разгледува овој случај, што значи дека на сила останува одлуката на апелациониот суд во Сан Франциско од март 2020 година.

Спомнатиот суд ја потврди првостепената пресуда од 2016 година со којашто е утврдено дека Led Zeppelin не ја копирале популарната инструиментална верзија од пасната „Taurus“, на психоделичната група The Spirit од 1960-те години.

Нумерата „Taurus“ е создадена во 1968 година, три години пред да биде напишан хитот „Stairway to Heaven“.

Тужителите бараа меѓу 3 и 13 милиони долари на име авторски права, но не успеаја да докажат дека елеметите од „Taurus“ се „суштински слични“ на воведот во „Stairway to Heaven“.

Песната на американскиот бенд ја напишал гитаристот Ренди Волф, попознат како Ренди Калифорнија, кој почина во 1997 година. Тужбата во 2105 година ја покрена правниот застапник на покојниот Волф, Мајкл Скидмор, кој ги обвини Роберт Плант и Џими Пејџ за кражба.

Интересно Led Zeppelin и The Spirit настапувале заедно на турнеи откако песната е напишана, а Скидмор укажуваше на тоа дека Пејџ можеби ја компонирал откако во живо ја слушнал песната „Taurus“.