Конечно почна еднократната помош за греење за студентите во Германија, но со проблеми

Студентите во Германија во средата може да побараат паушална помош во висина од 200 евра за покривање на зголемените сметки за енергијата.

„Обработувањето на барањата и исплатата ќе минат низ автоматизираниот процес и би требало да бидат извршени многу брзо“, изјави германската министерка за образование Бетина Штарк-Ватцингер.

Право на исплата на еднократната помош имаат сите лица кои на 1-ви декември 2022 година биле запишани на некој од германските универзитети или високи школи и имале пријавен престој во Германија.

Здруженијата на германските студенти ја критикуваа задоцнетата исплата, имајќи предвид дека сезоната на греење е при крајот.

„Зимата наскоро ќе биде зад нас, време е оваа помош навистина да стаса до студентите“, се наведува во соопштението за јавноста на Германското студентско биро.

Набрзо на удар на критиките се најде и фактот дека интернет страницата преку која студентите треба да го поднесат барањето набрзо по отворањето, поради преоптовареност, повеќе не била достапна.

Претставникот на демохристијанската опозиција задолжен за образованието, Томас Јарзомбек проблемот со интернет платформата ја нарече „катастрофа“.

„По половина година чекање на ‘итната мерка’ навистина нема причина за славење“, изјави Јарзомбек.

Германската влада минатата година донесе одлука за три пакета мерки во вкупна вредноста од 100 милијарди евра, со цел да се растоварат граѓаните кои се соочуваат со драстичното зголемување на цените на енергенсите.

Пакетот мерки, меѓу другото содржеше и еднократно преземање сметките за грееше за декември 2022 година. На сила е и мерката за воведување на горната граница за растот на цените на енергенсите за граѓаните. Со даночните олеснувања, владата во Берлин сака да ублажи негативното влијание на инфлацијата која е на највисоко ниво по повеќе децении.