Конечно победа на Интер, Наполи се задоволи со бод кај Фиорентина

Фудбалерите на милански Интер во последната средба од 23-то коло на италијанското првенство, како гостин минимално со 1:0 ја совладаа Парма.

Интер во Парма ја оствари првата првенствена победа во 2019 година, по едно реми и два пораза во последните три натпревара, а истовремено го постигна и првиот првенствен погодок во оваа година.

Стрелец на голот вреден три бода беше Лаутаро Мартинез во 79 минута, во натпреварот кој не донесе премногу возбудувања на теренот. Третиот Интер сега има 43 бодови, пет повеќе од четвртата Рома и петтиот Лацио, додека Парма е 12-та со 29 бодови.

Во четвртокот Лацио го совлада Емполи со 1:0, кој сега е 17-ти со 18 бодови. Рома, пак, во петокот беше подобра со 3:0 од фенерџијата Киево.

Претходно во саботата Фиорентина и Наполи одиграа без голови, во натпревар во кој и двата стратега се определија во прв ред да ја сочуваат својата мрежа и да се обидат да го изненадат противникот. Вториот Наполи има 52 бод, осум помалку со меч повеќе од водечкиот Јувентус, додека Фиорентина е деветта со 32 бодови.

Во недела се играат дуелите: Болоња – Џенова, Аталанта – СПАЛ, Сампдорија – Фрозиноне, Торино – Удинезе, Сасуоло – Јувентус и Милан – Каљари.