Коневски ќе купува деловен простор за 500 илјади евра ако земе кредит и најде закупец

Компанијата-инвеститор на новиот објект кај Мајчин Дом, „ЗСФ-КОМ“ на бизнисменот Фатмир Етеми, и адвокатското друштво на поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски, во март 2019 година склучиле преддоговор за купопродажба на деловен простор со површина од 324 квадратни метри, чија вредност, според сознанија на Фокус, изнесува 1.200 евра за квадратен метар, така што се доаѓа до сума од половина милион евра со вклучен ДДВ. Коневски вели дека преддоговорот ќе се реализира ако успее да обезбеди кредит и најде закупец за да се сервисира кредитот. Во негово време, Општина Аеродром го донесе ДУП-от во кој беше вцртана градежна маркица за овој објект, додека одобрението за градба беше издадено за време на актуелниот градоначалник Златко Марин, чиј кумашин купил стан во истата зграда, откако, според негови кажувања, продал друг стан и подигнал кредит.

Деловниот простор во новиот објект кај Мајчин дом во скопски Аеродром, што сака да го купи поранешниот градоначалник на оваа општина од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Ивица Коневски, е во вредност од половина милион евра со вкалкулиран данок на додадена вреднот.

Како што пишува новиот број на неделникот Фокус, адвокатското друштво на Коневски и првиот човек на компанијата-инвеститор на објектот – „ЗСФ-КОМ“, Фатмир Етеми, во март минатата 2019 година склучиле преддоговор за деловен простор со површина од 324 квадратни метри.

Притоа, според податоците што ги обезбедивме, договорот е склучен на сума од 1.200 евра за квадратен метар, што значи дека неговата вкупна вредност е 388.800 евра со тоа што ако се вкалкулира и ДДВ-то од 18 отсто се доаѓа до сума од скоро половина милион евра.

Во изјава за Фокус, Коневски вели дека деловниот објект се уште не е изграден и се уште не е во негова сопственост и владение. Тој посочува дека преддоговорот е склучен по пазарна цена, но дали тој ќе се реализира зависи од тоа, како што истакнува, дали ќе обезбеди кредит од банка и дали ќе најде закупец за кредитот да се сервисира.

-Така што, сѐ уште не можам да знам дали ќе успеам да ја реализирам таа инвестиција. Со сопственикот на компанијата до 2019 година не сум се познавал, ниту пак како градоначалник имам издадено одобрение за градба за тој објект. Во 2017 година беше донесен планот за градба и тогаш друг беше сопственик на парцелата – вели Коневски.

Според информации од Општина Аеродром, градежната маркица за овој објект е предвидена со Деталниот урбанистички план за градска четврт И10 со технички број 200/16, кој е донесен со одлука на општинскиот Совет во април 2017 година, кога градоначалник се уште беше Коневски. Одобрението за градба на објектот, пак, беше издадено на 19.09.2018 година, откако нов градоначалник стана Златко Марин, кој претходно како опозиционер ги поддржуваше протестите за зачувување на зеленилото кај Мајчин Дом.

„Беа доставени 13 претставки до Уставниот суд против ДУП И10, но одлуката на Уставниот суд беше да не поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста на планот. Во меѓувреме, Општината привремено ја запре изградбата на зградата кај Мајчин дом во времетраење од 15 дена“, велат од Општина Аеродром, додавајќи дека градоначалникот Марин смета оти издавањето мораториум на градежни активности не е решение, бидејќи, според него, тоа не постои како законска опција.

Во однос на фактот дека и кумашинот на градоначалникот Марин купил стан во објектот кај Мајчин дом, од општината коментираат дека „купопродажбата на становите е индивидуално право на секој и во ниеден случај не ги засега општината и градоначалникот“. Инаку, негов кумашин е членот на Управниот одбор на АД МЕПСО, Симон Шутиноски, кој посочува дека склучил преддоговор за стан од 75 квадратни метри во вредност од 86 илјади евра.

– Станот е купен по комерцијална цена. За купопродажба на истиот е продаден стан во моја сопственост од 69 м2 на и подигнат е нов кредит на ден 15.11.2019 година со отплата на 30 години во Комерцијална банка. Вистина е дека сме во кумовска врска со градоначалникот на Општина Аеродром, но тоа не им дава право на сите поединци, особено опозициските политички опоненти истото да го злоупотребуваат и секој нечиј успех или пораз да го евиндетираат на исто ниво. Јас, како и сите граѓани имам право да бирам каде би го купил мојот нов стан – ни изјави Шутиноски.

Моментално, објектот на 8 ката со 248 станбени единици се уште е во фаза на изградба, но во Катастарот на недвижности веќе се впишани предбелешки, врз основа на склучени преддоговори. Во деталниот преглед на податоци за објектот, односно листот со предбележувања што го обезбедивме открива дека вакви преддоговори со инвеститорот Етеми склучиле стотина физички лица и неколку компании.

-Земјиштето го купив во 2017 година на јавна лицитација од Комерцијална банка, откако претходно имал неколку сопственици. Со тоа што општината ми издаде одобрение за градба не ми направила услуга, туку само постапила законски, бидејќи мораториумот е незаконски и таму каде се спроведува треба да се одговара кривично. Градбата е целосно легална и досега се склучени преддоговори, кои се еден вид на изразување намери, односно на крајот не мора да се реализираат ако нема авансна уплата – објаснува Етеми.

Откако прашањето за зголемувањето на имотот на поранешниот градоначалник и на роднина на сегашниот градоначалник на Аеродрoм го покрена ВМРО-ДПМНЕ, по повикот на поранешни функционери за одговорност на партиското раководство поради изборниот неуспех, Коневски покрена судска постапка, а истото размислува да го стори и Шутиноски.

-Најавив тужба за клевета против портпаролот на Мицкоски, Наум Стоилковски и тој многу брзо ќе се извини за изнесените лаги. Овие денови преку курир се обидувам да му доставам барање за извинување, но тој вешто се крие на вториот спрат во зградата на партијата и не сака да го прими ова барање. Не очекував дека Мицкоски ќе се служи со дискредитација на секој што ќе го искаже својот став за актуелните случувања во ВМРО-ДПМНЕ и ќе побара негова смена од претседателската функција – вели Коневски.

Целата сторија прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.